Според бројот на новозаразени на дневно ниво и зголемениот процент на оние на кои им е неопходно болничко лекување, се чини дека ситуацијата со епидемијата на Ковид-19 во Албанија влезе во критична точка, констатира Топ чанел.

-Од една страна, здравствените експерти повикуваат на вакцинација, а од друга страна расте бројот на граѓани кои повеќе им веруваат на оние кои се против вакцинацијата а кои започнаа протести против задолжителната вакцинација. Ова веднаш се рефлектира во намалувањето на бројот на вакцинирани лица дневно, наведува телевизијата.

Според истиот извор, од околу 14 илјади, колку што биле имунизирани дневно на почетокот на месецов, сега тој број е 7 илјади. Во меѓувреме во болниците дневно се хоспитализираат по 30 лица во тешка состојба.

Во официјалната статистика се наведува дека како последица од Ковид-19 животот го губат во просек по пет лица дневно, но според дел на епидемиолози, бројот е повисок.

-СЗО повикува на можност да се вакцинираат што е можно повеќе граѓани со две дози за да не се даде простор на вирусот да создаде мутации кои би можеле да бидат уште поагресивни од Делта, псочува Топ чанел.

Во земјата во просек во едно деноноќие опасниот вирус е дијагностициран кај околу илјада лица, моментно активни на болеста се 12.789, додека хоспитализирани се 224, од нив 19 во многу тешка состојба.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 23:52