Белата куќа притиска да договори телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.

Претседателот на САД, Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен се обидуваат да договорат телефонски разговори со нивните француски колеги да се оконча низата од јавни напади и заткулисни размени меѓу двата сојузника, пишува денеска Вашинтон пост.

Белата куќа притиска да договори телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.

Повикувајќи се на официјални извори од Администрацијата, весникот наведува дека првите луѓе во Вашингтон се изненадени од силината на реакцијата на Франција, што минатата недела вклучи и брзо повлекување на францускиот амбасадор од Вашингтон.

Влошените односи се должат на реакцијата на француските политички лидери минатата недела откако Бајден објави формирање на одбранбен сојуз со Австралија и Велика Британија, фокусиран на индо-тихоокеанскиот регион. Како дел од овој сојуз, САД ќе споделат технологија за нуклеарни подморници со Австралија, по што Австралијците напуштија претходно договорена зделка со Франција вредна 60 милијарди долари.

Американските официјални лица сметаат дека кавгата што ја отворија Французите најмногу се должи на внатрешната политика во Франција, во време кога Макрон се надева на реизбор на следните претседателски избори закажани за во април 2022 година. Врвот во Вашингтон работи на итно намалување на тензиите и одбегнување на секаква иритација на блискиот сојузник, пишува весникот.

Како дел од овие напори е средбата на советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, со францускиот амбасадор Филип Етијен, пред тој да замине за Париз минатата недела.

Во меѓувреме, и државниот секретар Блинкен се обидувал да договори телефонски разговор со неговиот колега, министерот за надворешни работи Жан Ив Ле Дрен, за да го информира за трипартитниот договор меѓу САД, Велика Британија и Австралија, пред неговото објавување. Но Французите наводно укажале дека не можеле да стават на распоред таков повик.

Службеници од Белата куаќа и Стејт департментот предвидуваат дека односите ќе се затоплат откако Французите јавно го искажат своето незадоволство, и очекуваат францускиот амбасадор да се врати за недела или две.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 23:54