Истражувачкиот тим од ИДКНА, предводен од директорот Скендер Асани, на вториот ден од престојот во Вашингтон го посети Институтот за едукација за холокаустот „Левин“ во рамките на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон, САД.

Во оваа прилика претставниците на овој Институт – Кристина Чаварија, Бетани Нагл и Андреа Бертранд, ја покажаа својата подготвеност своите искуства за образованието на холокаустот и преводот на разни публикации од оваа област да бидат на располагање на Одделот за едукација и проучување на холокаустот при ИДКНА.

Директорот Асани ги запозна домаќините со активностите што ги спроведува ИДКНА во областа на едукацијата и проучувањето на холокаустот, како една од ретките институции во која е отворен специјален оддел во оваа област.

Претставниците на Институтот „Левин“ ветиле дека во блиска иднина нивни експерти ќе го посетат ИДКНА, со цел одблиску да се запознаат со потребите и барањата за проширување на знаењето во областа на едукацијата и проучувањето на холокаустот.

-Вреди да се нагласи и фактот дека овој Институт е познат во светски рамки како промотор на квалитетно образование за холокаустот, кој обучува приближно 15 милиони луѓе ширум светот секоја година. Преку патувачки изложби, повеќејазични образовни ресурси и дигитално информирање, јавни програми, теренски активности и обука за едукатори и лидери. Институтот „Левин“ придонесува историјата и образованието за холокаустот да останат релевантен извор за помладите генерации, стимулирајќи критичко размислување и одговорно граѓанско ангажирање. Како дел од стратегијата за истражување и едукација на холокаустот, образовните програми на овој Институт се достапни на студентите, владините службеници, наставниците и пошироката јавност, како и американските воени лидери, се наведува во соопштението на ИДКНА.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2021 20:42