Отпечатоци од стапала стари 23.000 години, се откриени во САД, што посочува дека луѓето ја населувале Северна Америка и пред крајот на последното ледено доба. Ова откритие можеби го поместува времето за илјадници години, за тоа – кога првите жители го населиле континентот.

Отпечатоците се откриени на брегот на сега исушено езеро, кое денес е дел од пустината во Ново Мексико (САД), според американското списание „Сајенс“. Седимент ги наполнил вдлабнатините од стапалата и се стврднал како камен, зачувувајќи ги така доказите за присуство на човекот. Научниците откриле и траги од мамути, праисториски волци, па дури и џиновски мрзливци, кои, се чини, биле присутни во истовреме кога луѓето престојувале кај езерото.

„Се чини дека многу од трагите се од тинејџери и деца. Големите отпечатоци од возрасни се поретки“, се вели во трудот.

Една од хипотезите на научниците е дека имало поделба на трудот, при што возрасните биле вклучени во повисоките работни обврски, а помладите луѓе ги вршеле споредните задачи.

Во историјата, Америка важеше за последното копно до каде што стигнало човештвото. Со десетлетија, најшироко прифатената теорија беше тоа дека „доселениците“ во Северна Америка доаѓале од источен Сибир преку Беринговиот Теснец, па продолжувале кон југ. Населба од пред 13.500 години, поврзана со праисториската култура Кловис – именувана по град во Ново Мексико, се сметаше за најстарата седентарна населба. Со ова ново откритие, оваа претпоставка се доведува во прашање.

Новите тези говорат дека ова копно веројатно било населено и пред крајот на последното ледено доба, кое завршило пред 20.000 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2021 16:34