На свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“ за првиот претседател на тогашна Република Македонија Киро Глигоров говореше Живко Кондев шеф на неговиот Кабинет во два мандата и по завршувањето на функцијата се до неговата смрт на Глигоров 1 јануари во 2012 година. За Глигоров како голем политичар и човек кој дејкстваше во три политички системи, тој, меѓу другото се осврна на неговиот придонес како главен актер и архитект во осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година.

-Со својата личност и со својот личен придонес тој ги поврза двата столба на современата македонска државност – АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 година…Тој беше најзаслужен за тоа што Република Македонија беше единствената држава во поранешна СФРЈ што ја испрати ЈНА со потпишан договор без ниту еден испукан куршум и жртва. Во исклучително тешка ситуација Македонија одбра да не биде ничија земја и да стане членка на ООН макар и со наметната описна додавка пред уставното име, а времето покажа дека и покрај неоснованите критики, тој не згреши. Ако тоа не се направеше во 1993 година, лесно можеше да се случи Македонија се уште да чека за прием во Светската организација, како што се најде на опашката за прием во ЕУ и НАТО иако ги исполнува условите за тоа. Влегувањето во НАТО Алијансата се оствраи со многу напори и тешки откажувања и компшромиси. Да се надеваме дека тоа ќе се случи и со влегувањето во ЕУ, рече Кондев.

Тој потсети на зборовите на Глигоров дека без оглед колку е мала, сиромашна , оспорувана, напаѓана, татковината ни е една и единствена – Ние друга татковина немаме и не само ние туку и илјадниците македонски граѓани раселени по светот, затоа мораме да ја чуваме, да ја градиме и да се бориме за неа.

-Иднината и перспективите на нашата земја зависат пред се од нас самите. Никој не може да и мисли и да и даде на Македонија подобро отколку ние самите. Се разбира дека секоја добронамерна помош од надвор е добродојдена, но ние мораме да покажеме дека сме држава и дека сами знаеме да одлучуваме за нејзината подобра иднина. При тоа потребна е мудрост а не сила за справување со предизвиците. Не е едноставно светот да вика поинаку од твоето име, но животот е борба во која не секогаш посилните победуваат. За нас е најважно сите граѓани еднакво да си ја сакаат државата, само така можат да се постигнат услови за меѓусевбно почитување и толеранција. Ако имаме внатрешен мир, ќе имаме и сила како држава да ги почитуваме нашите права и на меѓународен план да бидеме почитувани и рамноправни со другите. Клучна улога во тоа имаат политичките лидери во земјата кои покрај тоа што треба да покажат компетентност и умешност во водењето на политиката мораат да го слушаат и почитуваат и гласот на народот, велеше Глигоров, кажа Кондев кој посочи дека овие пораки се уште се релевантни и денес и во пресрет на одбележувањето на 10 години од неговата смрт.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 13:17