Два дена по изборите и историскиот пораз на Христијанско – демократската унија ЦДУ/ЦСУ, расте притисокот во партијата врз главниот кандидат и претседател на ЦДУ, Армин Лашет, да се откаже од амбициите за формирање влада, а се погласни се и оние што бараат негова оставка.

„Сега треба понизно и со почит да ја прифатиме волјата на гласачите кои избраа промени“, изјави за АРД, Бернд Алтусман, шеф на Христијанско – демократската унија (ЦДУ) за сојузната покраина Долна Саксонија.

Со таа изјава, тој се придружи на се поголемиот број истакнати членови на ЦДУ кои бараат „нов почеток“.

– Ги загубивме изборите. Точка. Сега останува на СПД, Зелените и Либералите да се обидат да формираат нова влада, рече младинскиот претседател на ЦДУ, Тилман Кубан.

И членот на претседателството на ЦДУ и федерален премиер на Хесен, Волкер Буфиер смета дека Унијата не добила налог од гласачите за формирање нова влада.

Кандидатот за канцелар на овие избори и претседател на ЦДУ, Лашет и натаму инсистира на тоа дека Унијата, и покрај рекордната загуба на гласови (8,9 проценти) и историски најлошиот резултат на федерални избори (24,1 проценти освоени), треба да почне да разговара со Либерално – демократската партија (ФДП) и Зелените за составување на т.н. Јамајка коалиција.

Либералите и Зелените соопштија дека прво ќе разговараат меѓу себе пред да започнат преговори со една од партиите што би можела да биде поголем партнер во идната влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2021 15:23