Европската унија цврсто стои зад својата одлука за воведување санкции против белорускиот претседател, Александар Лукашенко, кој „во очај ги турка“ мигрантите во Унијата, изјави денеска еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

Јохансон додаде дека Лукашенко не е партнер со кој се подготвени да соработуваат и дека неговите потези се неприфатливи за Унијата.

-Го гледаме Лукашенко како очајна личност која сега е под санкции на Европската унија и не е подготвена да се справи со тоа, рече еврокомесарката по состанокот со шефот на кипарската дипломатија, Никос Нурис.

Таа посочи дека Лукашенко го охрабрува илегалниот премин на мигрантите преку границите со Литванија и Полска, кои се членки на ЕУ, и дека тоа е за нив неприфатливо.

Многу официјални лица тврдат дека големиот прилив на мигранти од Блискиот Исток, кои се обидуваат да влезат во ЕУ преку Белорусија, е всушност одмаздата на Лукашенко за санкциите кон неговата земја.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2021 23:16