Претставниците на откупно-преработувачките претпријатија за ориз и Министерството за земјоделство не најдоа заедничко решение за откупните цени на оризовата арпа, поради што ќе се бара друг начин за финансиски да им се помогне на земјоделските производители.

На денешната средба во Кочани, на која присуствуваше министерот Аријанит Хоџа, од откупувачите беа побарани мислења и предлози како тие можат да се вклучат во решавањето на ниските откупни цени на арпата, за што беше оставена можност и за евентуален нов договор.

-Ние сме подготвени да помогнеме во промовирањето нови, но и на постоечките пазари за пласман на оризот, односно да овозможиме поголема конкурентност. Сепак, да бидеме реални, не може производ што чини 18 денари да се субвенционира со десет денари за извоз. Затоа, размислете во наредните денови што може да се направи, дајте предлог, ние сакаме да им помогнеме и на двете стран, и вам и на земјоделците. Дали да се помогне за опрема за сушење на оризот или пак друг вид поддршка за вашите капацитети, треба отворено да се каже. Слично како за набавката на комбајни со уреди за сечење на сламата, ќе подготвиме програма преку Платежната агенција и ќе добиете помош, истакна министерот Хоџа.

Претставниците на откупно-преработувачите рекоа дека е потребна долгорочна стратегија за оризопроизводството, наместо да се интервенира парцијално и во одредени временски периоди, како што е сега пред жетвата на оризот. Притоа, нагласија дека иако сè уште нема пресметка за реалната цена на чинење на производството по килограм, кај нас таа е повисока во споредба со соседните земји.

– Единствено што би можеле да понудиме е да не пресметуваме влажност на зрното, ако е до 20 отсто, иако и тоа ќе биде на наша штета. Откупната цена може да биде 17 денари за килограм арпа од поситните сорти, до 20 денари за сан андреа и другите покрупни сорти. Ние не сме конкурентни на странските пазари, со оглед што таму еден тон арпа се откупува за 300 евра и тоа со повисок квалитет на зрното, истакна Ане Ефтимов, претставник на откупувачите.Претставниците на откупно-преработувачите рекоа дека е потребна долгорочна стратегија за оризопроизводството, наместо да се интервенира парцијално и во одредени временски периоди, како што е сега пред жетвата на оризот. Притоа, нагласија дека иако сè уште нема пресметка за реалната цена на чинење на производството по килограм, кај нас таа е повисока во споредба со соседните земји.

На крајот од средбата, министерот Хоџа заклучи дека заедничко решение со откупувачите не е најдено, поради што Министерството за земјоделство најверојатно ќе интервенира со дополнителни субвенции за земјоделците.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2021 16:50