Дали премиерот Зоран Заев ги излажа оризопроизводителите, кога пред само некој ден на средба со нив во друштво на министерот за земјоделие Арјанит Хоџа им вети оти нивното единствено барање за цената на оризовата арпа да биде 25 денари по килограм, ќе биде исполнето? Стравот и дилемата кај оризопроизводителите се појавија откако на вчерашната средба со нив во Кочани, министерот Хоџа, овој пат не толку убеден, им рекол најдиректно, „дека не може производ што чини 18 денари, да се субвенционира со десет денари за извоз“.

Ги вознемирува фактот што од откупувачите побарал во наредните денови да дадат предлог кои ќе биде прифатлив и за двете страни.

Оризопроизводителите засега се воздржани. Даваат рок до понеделник. Велат ќе го почекаат владиниот предлог, па ќе одлучат какви мерки ќе преземат и дали ќе ги активираат протестите.

Оризопроизводителите се надеваат дека овие преговори нема да бидат уште една предизборна манипулација како онаа во 2017 година кога за килограм оризова арпа им ветуваа по 25 денари. Подолг период кај оризопроизводителите врие. Изминатиот период оганизираа и неколку протести, а минатата недела најавија бојкот на изборите доколку и понатаму власта остане глува на нивните барања.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2021 04:57