Научници од Шпанија соопштија дека развиле нов ултраотпорен бетон којшто може и да се поправи сам од себе. Овој тип е 30 отсто потраен од конвенционалниот квалитетен бетон, што значи дека се создаваат помалку пукнатини, а и кога ќе се случи тоа, новиот бетон може сам да ги санира.

– Ова е можно главно поради мешавината компоненти што ги користиме, како што се кристални адитиви, нановлакна од алуминиум-оксид и нанокристали од целулоза, со кои материјалот сам се поправа, изјави истражувачот Педро Серна од Институтот за бетон и технологија, при Политехничкиот универзитет во Валенсија.

Новиот бетон трае и подолго од вообичаените кои траат околу 50 години. Ова е особено корисно за инфраструктури кои се подложни на посилни влијанија од животната средина, каков што е случајот со зградите близу морето или геотермалните електрани.

– Ние дизајниравме и тестиравме нови бетонски мешавини со можност за самопоправка на конструкцијата при пукање, што е вообичаена ситуација со која се соочува армирано-бетонска конструкција. Ова претставува промена во дизајнот на издржливост, во однос на активната заштита, рече Серна.

Материјалот досега се користел при изградба на шест големи пилот-објекти кои се во фаза на проценка.

– Податоците им овозможуваат на теренските стручњаци да ја проверат состојбата на структурите и, доколку е потребно, да се направат конкретни потези за да се спречи влошување на штетата со користење на најсоодветниот и најповолен метод за заштита или поправка на структурата, смета Хуан Сото, еден од научниците од Институтот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2021 15:32