На покана на организаторот на ЕКСПО 2020 Дубаи, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески на тематски бизнис форум ги презентираше политиките на земјата во делот на климатските промени и биодиверзификацијата.
-Тековната пандемија КОВИД-19 го промени не само нашиот начин на живот, туку и нашиот начин на размислување. Прилично сум сигурен дека целото човештво стана посвесно не само колку сме кревки, туку колку е важно да се грижиме еден за друг и колку е важна природата за нашето постоење, рече Павлески на форумот што се одржа вчера.
Владата на Македонија, додаде тој, има силна определба за следниот период да обезбеди подобар одржлив раст базиран на индустрии кои не загадуваат.
-Имаме посебни стимулации за привлекување нови СДИ, но ги стимулираме домашните компании да инвестираат исто така. Со донесување на Интервентниот инвестициски план 2021-2027 година предвидени се инвестиции од 9,5 милијарди американски долари во 7 сектори: енергетика, инфраструктура, преработка, МСП, јавно здравје, отпад и рециклирање и туризам, потенцираше Павлески.
Тој рече дека земјава се справува со загадувањето и ефектите од климатските промени кои поддржуваат циркуларни економии и инвестиции во енергетска транзиција.
-Во однос на агендата за енергетска транзиција, со гордост можам да кажам дека ние сме шампиони во регионот на Југоисточна Европа со 30 отсто од вкупното производство на електрична енергија што доаѓа од обновливи извори. Јас навистина верувам дека сите поединци и сите нации, без разлика дали се мали или големи, треба да ја поправат нашата иднина. Да дејствуваме сите заедно во мир и разбирање. Да ги искористиме сите потенцијали, целото знаење и целата технологија што ја имаме. Ајде да инвестираме се што имаме во одржливост денес, за да можеме да го смениме светот утре да стане позелено и почисто место”, рече Павлески од говорницата во Дубаи на светскиот настан ЕКСПО 2020.
Во рамки на посетата на Дубаи директорот Павлески го посети павиљонот на нашата земја и оствари средба со Бекри Ајдини, генерален комесар за Експо 2020 Дубаи и економски советник во амбасадата на Македонија во Абу Даби – Обединети Арапски Емирати. Македонија со свој павиљон на EXPO 2020 Dubai се претставува под слоганот “Дом на секој чекор” кој е отворен од 1 октомври и во следните шест месеци ќе биде достапен за презентирање на потенцијалите на нашата земја пред светската јавност. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот активно ќе учествува во подготовките и претставување на нашата земја до завршувањето на овој светски настан.
Во текот на денешниот ден директорот Павлески ќе оствари средби со неколку компании на кои ќе ги презентира инвестициските потенцијали и можности кои ги нуди на Македонија.
„Поврзување на умовите, создавање на иднината” е темата на светскиот настан за оваа година ЕКСПО 2020 Дубаи кој започна на 1 октомври, а ќе трае до 31 март 2022 година. На ова значајно светско шоу домаќин е Дубаи, Обединети Арапски Емирати.
Експо 2020 Дубаи, како што се вели во соопштението од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот е револуционерен спектакл кој собира учесници од 192 земји, вклучувајќи иноватори, компании, невладини организации, претприемачи, универзитети и креативци.