Светската историја е полна со помалку познати, „споредни“ случки и настани коишто можеби не нашле свое место во општото познавање и знаење на луѓето, но вреди да се проследат… Следат неколку такви занимливости.
1. Синот на Абрахам Линколн – Роберт Тод Линколн „ја имал среќата“ да биде сведок на три атентати врз државни претседатели на САД. Имено, во 1865 година тој бил сведок на смртта на татко сѝ, застрелан од конфедеративецот Џон Вилкс Бут, во „Форд театарот“ во Вашингтон. А, во 1881 година, на покана на шефот на државата, Џејмс Гарфилд, момчето присуствувало на настан на Републиканската партија… Токму тогаш, атентаторот Шарл Гито смртоносно го застрелал Гарфилд. Во 1901 година, Роберт бил само на неколку метри од местото каде што Леон Чолгош го убил претседателот Вилијам Мекинли, кај Храмот на музиката во Бафало, во американската сојузна држава Њујорк.
2. Жан Турел, Французин роден 1698., а починал 1807 година, во Француската армија служел воена должност цели 75 години и 4 месеци. Ова е најдолгата забележана воена служба во која било национална историја.
3. Во 1989 година, веќе распаднатиот Советски Сојуз бил очаен за – „Пепси“… Така, како што објави порталот „Квизклаб“, властите склучиле договор со американската компанија.
Според тоа, Американците добиле 17 подморници и неколку стари воени бродови (коишто „Пепси“ ги продал како отпад), а СССР и Русија добиле двојно повеќе „Пепси“ фабрики. Ова всушност, би значело дека во тој миг, „Пепси“ технички ја имал 6-та најголема морнарица во светот! Иако, некои од пловилата веројатно не биле употребливи.
4. Првите старогрчки Олимписки игри од 776 г. пр.н.е. не се одржале кај планината Олимп, спротивно од уверувањето кое преовладува. Првата Олимпијада и оние потоа, се именувани според градот Олимпија во областа Елида, на западен Пелопонез. Според историчарот Диодор од Сицилија, кон крајот на 5. век пр.н.е., македонскиот владетел Архелај го модернизирал светиот град Дион и тука, на северните падини на Олимп, започнала традицијата на паралелните, македонски Олимписки игри во чест на богот Диос.
Остатоци од градот Дион
5. На 23 јануари 1795 година, француска коњичка единица успеала да зароби 14 холандски бродови и 850 пиштоли, откако ја нападнале флотата – на замрзнато море. Веројатно никогаш претходно и потоа, коњаница не заробила толку бродови. А, се чини и звучи прилично епски.
6. Во 1373 година, Португалија и Кралството Англија потпишале договор за сојуз и меѓусебна помош, заштита и соработка. Ова е најстариот договор во светот што сѐ уште е во сила.
7. Старогрчките и римските статуи не биле бели, како што многумина веруваат. Тие биле насликани со многу различни и живописни бои, но за жал, бојата исчезнала пред забот на времето, така што скоро и да немаме поим како точно изгледала секоја статуа во антиката.
8. Вториот и третиот американски претседател – Џон Адамс и Томас Џеферсон починале на ист ден – 4 јули 1826 година, односно на 50-годишнината од Денот на независноста на САД.
На смртната постела, знаејќи дека е пред умирање, Адамс рекол „Барем Томас е жив“ – за жал не знаејќи дека Џеферсон починал само неколку часа претходно.
9. Харалд Хардраде, кралот на Норвешка од 1046-1066 година, бил дел и од „Варангиската гарда“ – елитна војска на Византија, како сојузник, меѓу другото, и против Киевска Русија.
10. Во јуни 1903, кусо по Солунските атентати, како што пренесува тогашен „Ланкашир ивнинг пост“ – Македонецот се заканува со биолошко оружје – со чума…
„Ако Големите сили не можат да гарантираат спроведување на Берлинскиот договор, ние ќе умреме. Но, нема да умреме сами“ – весникот ги пренесува зборовите на македонските револуционери.
За среќа, не е забележан напад со биолошко оружје, но веќе во август таа 1903 година, се случило Илинденското востание.