Со дебатата „Социјално и економско зајакнување на жените работнички преку кооперативи и социјални претпријатија“ што ќе се одржи утре, во Штип почнува петтата „Текстилијадата“ чие годинашно мото е „Известување и улогите во борбата за работнички права“.

Манифестацијата ја организира невладината „Гласен текстилец“ – Штип.

Како што соопштија на денешната прес-конференција Кристина Ампева, Благојче Дишовски и уметничкиот директор на „Текстилијадата“, Денис Ампев, на „Текстилијадата“ ќе се дебатира и за новинарите и известувањето на работничките права, за улогата на брендовите и работничките организации во КОВИД-криза, а последниот ден, во сабота, е дебатата за „Институциите во интерес на работниците“.

На манифестацијата ќе се промовираат и стрипот „Супер работничка“, дела на пет уметници и книгата „Хорор приказни“ од Кристина Божурска.

Според податоците на „Гласен текстилец“, во време на пандемија или за 1,5 година помош побарале 12.000 работници од сите индустриски гранки.

-Многу жени останаа без работа и токму тие најмногу ја почувствуваа кризата. Од почнувањето на корона вирусот дававме конкретни мерки, што треба да се направи за да нема губење работни места. Први ние укажвме на злоуптребите со државната помош, рече Ампева.

Според неа, брендовите за кои работат нашите компании имаат огромна одговорност и можат многу да ја унапредат состојбата со работничките права.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2021 22:40