Работничките права се цел на политичарите за собирање на политички поени, а со тоа длабоко се нарушуваат и од година во година се сè помали и помали. Така и во оваа изборна кампања се изнаслушавме популизам со кој се лицитира со правата на сиромашниот и обесправен работник, реагира Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) во денешното соопштение.

– На премиерот на државата, како дадено ветување од минатите избори за недела – неработен ден, како и за нов закон за работни односи му беше тема во изминатата година, да покажат колку се грижат за работничките права. Но, очигледно затоа што тоа не стана реалност, истото било само гол популизам. Премиерот во неколку наврати низ годините, а особено во последната година вработените во јавната администрација ги нарекуваше корумпирани, а сега доаѓаме до ситуација каде што само 30 отсто од вработените се наградуваат со по 9 илјади денари цели шест месеци. Ако знаеме, а тоа е јавно достапно преку Државниот завод за статистика, дека во јавниот сектор имаме плус 35 илјади вработени за последните четири години (2017 – околу 170 илјади, а 2021 – околу 205 илјади вработени), проценете сами за кого беа наменети тие награди, се вели во соопштението од КСС.

Премиерот, додаваат оттаму, четири години говореше за трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор и за превработеност, но сега говори за скратено работно време на јавниот сектор од 36 часа, односно петок да се работи само четири часа.

– Оттука се прашуваме, како наеднаш го променија својот став кон јавниот сектор и покажаа толку голема грижа, што за нас секако повторно е чист предизборен популизам, велат од КСС.

Од самиот почеток на пандемијата, посочуваат, КСС бара исплаќање на 100 проценти боледување на сите работници кои се заразиле на своето работно место, како што пропишуваат законите во земјава и тоа, како што наведуваат, е наше право кое никој не може да ни го одземе.

– Пред само шест месеци, баравме политички договор за покачување на минималната плата, од причина што во тие моменти Македонија беше во рецесија и имаме голема инфлација, но и тогаш останаа глуви на нашите барања. Минималната плата во март месец се покачи за 1,7 посто, а во тој момент инфлацијата беше 2,7 отсто, па проценете сами дали имавме зголемување на минималната плата. Но, затоа сега повторно слушаме од властите дека минималната плата до крајот на годината ќе биде 18 илјади денари, што секако без срам повторно се манипулира со сиромашниот работник, наведуваат од КСС.

Во изминатава година, посочуваат, „делеа субвенции за плати на работниците, каде што голем број работодавачи не ги исплатија, всушност направија злоупотреба, а голем број работници останаа без ниту еден денар да поминуваат низ трагедијата на оваа пандемија“.

– Многу невладини организации, но и синдикати поднесоа претставки до надлежните институции да се санкционираат таквите работодавачи, а парите да стигнуваат директно на сметките на работниците, но се случи токму спротивното, истите работодавачи добија повторно субвенции за исплата на плати и повторно истите не ги исплатија на работниците, а сиромашниот работник повторно остана незаштитен од институциите на системот. Без почитувањето на трудот на работникот нема почитување на општеството и замолуваме да не се лицитира повеќе со работничките права во предизборни кампањи, затоа што е веќе видено дека е само политички популизам за собирање политички поени и повеќе гласачи, но со тоа, само се нанесува штета, а работниците ја плаќаат сметката. Во Македонија немаме ни достоинствена работа, немаме ни достоинствена плата, работникот не е заштитен и не верува во институциите, стои во соопштението.

Затоа, велат од КСС, денеска ги повикуваат сите работници во земјава, свесно и совесно да го кренат својот глас и да кажат СТОП за неправдата која им се нанесува, да кажат стоп за манипулацијата со нивните права во предизборен период, а политичарите коишто имаат чесни намери да направат системско решавање на сите проблеми во делот на трудовото право и јавно да излезат и да се извинат на работниците коишто во изминативе години биле обесправени и осиромашени.

– Мора да сфатиме дека достоинството на работникот и вреднувањето на трудот мора да биде основна религија во којашто ќе верува секој политичар, во спротивно ниту ќе имаме економски просперитет и продуктивност, ниту ќе имаме достоинствена работа и достоинствени плати, се вели во соопштението од Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2021 17:02