Папата Франциск денеска отвори двогодишни глобални консултации што може да го промени начинот на кој Римокатоличката црква донесува одлуки и чие влијание може да се чувствува долго по завршувањето на неговиот понтификат.

Поддржувачите веруваат дека иницијативата наречена „За синодална Црква: заедница, учество и мисија” е можност да се промени динамиката на моќта во Црквата и да се даде поголем глас на католиците, вклучително и жените и луѓето на маргините на општеството.

Конзервативците веруваат дека процесот, кој ќе се одвива во три фази, е губење време, дека може да ја поткопа хиерархиската структура на Црквата, која има 1,3 милијарди верници, и да ја разводни традиционалната доктрина на долг рок.

Папата на миса во базиликата Св. Петра рече дека католиците треба да бидат со отворен ум кон процесот.

– Дали сме подготвени за авантурата на ова патување? Или се плашиме од непознатото и повеќе би се криеле зад вообичаените изговори: „Тоа е бесмислено” или „Ние секогаш правиме така”?”, се праша тој.

Во првата фаза, католиците во парохиите и епархиите ширум светот ќе разговараат за прашања како што се дали Црквата ги слуша доволно младите, жените, малцинствата и маргинализираните.

Тие, исто така, ќе разговараат за тоа како да се идентификуваат стереотипите и предрасудите во локалните заедници и каква Црква мислат дека Бог сака во светот денес.

По дискусиите на национално и континентално ниво, бискупите ќе се состанат во Ватикан на еден месец во 2023 година. Тие ќе подготват документ и папата ќе напише Апостолски поттик со свои ставови, предлози и можеби инструкции за различни прашања.

– Да не дозволиме нашите срца да бидат затворени; да не останеме исклучиви во нашите верувања. Да се ​​слушаме едни со други, рече папата на мисата на која присуствуваа околу 3.000 луѓе.

Тој, сепак, нагласи дека само папите можат да носат конечни одлуки за доктринарни прашања.

Папата рече дека синодалноста, термин што потекнува од грчкиот јазик и приближно значи – заедно да се оди по ист пат, не може да стане „црковна конвенција, студиска група, политички конгрес или парламент, туку настан исполнет со милост, процес на заздравување предводен од Светиот Дух.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2021 03:05