Мнозинството од Советот на општина Карпош, 13 советници од владејачката коалиција на СДСМ, вчера на вонредна седница ги оправдаа причините за носење на ДУП на вонредна седница и го изгласаа деталниот урбанистички план за ССИ 03, блок 07, кој во целост се наоѓа во заштитната контакт зона на Аквадуктот, споменик на културно наследство од исклучително значење.

На само четири дена пред избори, изгласаа ДУП кој во целост се протега во заштитната зона на Аквадуктот, споменик кој се наоѓа на територија на општина Карпош, без дискусија, зошто седницата ВОНРЕДНА.

Правен основ за свикување на вонредна седница за да се изгласа еден ДУП, НЕМА.

Според Статутот на општина Карпош, вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности.

Во случајов, ниту се работи за безбедноста и сигурноста на граѓаните, ниту пак наведената причина за вонредноста на носење на овој ДУП, постапката на експропријација на земјиште во општина Бутел е вонредна околност.

Она што ниту надлежните во општината од секторот за урбанизам, ниту од комисијата за урбанизам, ниту градоначалникот, ниту советниците не го кажаа, е дека ДУПов што вчера без никаков приговор го донесоа, има редица недоследности, каде

просечниот процент на изграденост за домување е два пати поголем од дозволениот, планираното користење на вода за пиење е за четири пати поголемо од максимално дозволеното, исто како и количината на отпадна фекална вода, површината со Б намена за комерцијални и деловни објекти е поголема од дозволената, режимот на заштита во контакната зона забранува да се градат индустриски или слични капацитети и да се воведуваат намени што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување или предизвикуваат бучава и вибрации, и го нарушуваат интегритетот на заштитеното подрачје, но планот содржи индустриски објекти и големи трговски единици на огромна површина.

Дополнително, јавните презентации за овој ДУП се одвиваа со физичко присуство во затворен простор за време на ковид-19 пандемијата и ниту еден граѓанин не присуствувал. Седниците на Советот веднаш ги префрлија онлајн на платформата Зум, но јавните презентации наменети за граѓаните за време на пандемијата ги оставија да се одвиваат со физичко присуство во затворен простор, спротивно на здравствените препораки. Исто како што не овозможија онлајн вклучување на граѓаните на седниците на Советот, кои според закон се јавни, па сме принудени да одиме во затворени простории и физички да ја следиме онлајн седницата таму, под надзор и немаме право на збор.

Вонредната седница вчера беше само јаготката на врвот од тортата на нетранспарентност, создавање на невозможни услови за вклучување на граѓаните и носење на несоодветни урбанистички планови, и претставува чиста злоупотреба.

Поради сите овие причини бараме, планот по најитна постапка да се суспендира, градоначалникот Богов со иста леснотија со која ја злоупотреби вонредноста на околностите за носење на овој ДУП, да го стори тоа на вонредна седница и го побара од општина Бутел истото и планот да се усогласи со утврдениот режим на заштита на Аквадуктот и регулацискиот план.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2021 19:11