Се множат реакциите од сите гранки на македонското земјоделие. Откако оризарите останаа извисени од власта, се кренаа и млекарите, односно сточарите. Дел од нив размислуваат засекогаш да го затворат производството на млеко, заради ниските откупни цени но и зелената нафта.

-За по литар млеко ни борчат уште за двесет месеци, а сега е екот на есенската сеидба, припрема за храна за стокат. Барем за 2020 година да бидеме доипслатени за да можеме да опстанеме со овој шок на цени, со овој шок на поскапувања на горивата за да го зачуваме сточниот фонд, инаку, моментално 80 посто од сточниот фонд е уништен, продаден. Јас како сточар и земјоделец, како што одат работите, ќе бидам принуден да ја продадам цела стока и да ја затворам шталата, вели Тони Петковски, потпреседател на Здружението „Пелагонско поле“ од Битола, за Алфа.

Сточарот Борче Бучински тврди дека во општина Могила, во моментов од 450 куќи, само триесетина останале да чуваат стока.

- Ние што произведуваме храна изгледа сме најнепожелните луѓе во самава држава. Ние се бориме за нашите пари две години. Ова е апел да ни ги дадат нашите пари. Не сега дека ги притискаме ние на избори. Значи, ние можеме и на самиот ден на изборите да им го истуриме млекото, во секоја општина, во секое село пред гласачкото место. Нас ни е целта да си ги земеме нашите пари оти тешко се живее, вели Бучински.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 01:44