Рекордна добивка од 220 милиони евра вчера е освоена во Франција на лотаријата Евромилион што е најголема добивка досега освоена во Европа, јави дописникот на МИА. Среќниот добитник или добитничка сега имаат шеесет дена да се пријават во француската лотарија и да ја земат својата добивка, што е најголемиот џек пот во историјата на европската лотарија од нејзиното создавање во 2004 година. Тој или таа ја играа победничката комбинација 21, 26, 31, 34, 49, и дополнителните броеви 2 и 5. Претходниот супер џекпот падна во Швајцарија. Тоа беше добивка од 210 милиони евра на 26 февруари 2021 година. Во Франција, последниот рекорд датира од декември 2020 година. Играч од Јужна Франција тогаш освои 200 милиони евра ставени во игра.