Кампања која не успеа да ги крене емоциите на граѓаните, во која црните пораки и овој пат не изостанаа, вака дел од аналитичарите го оценуваат претставувањето на кандидатите за градоначалници и советници изминатите 20-тина дена.

-Се очекуваше владата повеќе да се фокусира на позитивната кампања, со оглед дека таа заедно со нејзините кандидати за градоначалници имаше 4 години да покаже што може да направи со развојот на општините и преку тоа да бара нова доверба од граѓаните. Очигледно поради недостатокот од реализација на нејзината програма во изминатиот период, власта сепак се одлучи да оди повеќе со напад кон својот политички противник отколку со промоција на сработеното. Во тој контекст е и нападот на опозицискиот кандидат за Аеродром, претпоставувам поради тоа што токму оваа општина е еклатантен пример за лошо менаџирање од страна на досегашната локална самоуправа предводена од СДСМ и тука постои особено големо незадоволство од тоа што е сработено изминатите 4 години, вели аналитичарот Владимир Божиновски за Алфа.

На слична линија е и Алберт Муслиу.

-Накусо, ова беше најмонотоната кампања досега. Евидентно е дека политичките партии не успеаја да ги кренат емоциите кај граѓаните. Во последните денови имавме негативна кампања, но главно беше мирна, невозбудлива. Предност е што помина без националистички испади, со оглед дека овојпат имаше меѓуетнички коалициски блок и кај опозициските партии. Речникот на кандидатите и политичката култура бележат мал напредок во споредба со кампањите за претходните циклуси, но сепак недоволен, смета Муслиу.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2021 02:28