Да продолжи поддршката на економијата преку добро насочени фискални мерки се до постигнување цврсто економско закрепнување и враќање на дефицитот на ниво од пред кризата на среден рок, да се подобри наплатата на приходите и да се прошири даночната основа во согласност со Стратегијата за реформа на даночниот систем, вклучително и со реализација на даночните ослободувања, да се забрза реформата на образованиот систем…

Тоа се дел од препораките во годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што беше објавен вчера, а кои се однесуваат на подобрувањето на функционирањето на пазарната економија.

Во документот, во кој се нотира дека препораките од Извештајот за 2020 година биле делумно имплементирани, се укажува и на потребата да се изгласа Предлог законот за буџет што е во собраниска процедура. Тој закон треба да го подобри фискалното управување преку формирање фискален совет за погиолема контрола на јавните финансии. Клучна препорака е и натамошно намалување на институционалните и правните пречки за брзо и ефективно решавање на нефункционалните заеми вклучително и преку олеснување на вонсудските спогодби и модернизирање на режимот на несолвентност.

– Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија. Тешко погодена од пандемијата, економијата падна во рецесија во 2020 година. Постепено закрепнување започна од пролетта годинава. Владата спроведе силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголеми на 8,2 проценти од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголеми на 60,2 проценти од БДП, бидејќи требаше да се покријат дополнителните финансиски потреби. Капиталните расходи беа намалени со ребаланс на Буџетот за да се овозможат трансфери за справувањето со кризата, но се уште се многу под потребното реализирање, наведува ЕК во Извештајот.

Укажуваат дека властите презедоа дополнителни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, како и дека допрва треба да се развие целосно оперативен регистар на државна помош. Постигнат е, се оценува, мал напредок во подобрувањето на мобилизацијата и наплатата на приходите, како и управувањето со јавните инвестиции, вклучително и преку зајакнатата рамка за јавно-приватно партнерство. Како резултат на регулаторните олеснувања се посочува дека финансискиот сектор остана силен, а кредитирањето на приватниот сектор постојано, додека неформалната економија и натаму продолжи да влијае на деловното опкружување.

Како што стои во Извештајот, Северна Македонија постигна одреден напредок во адресирањето на минатогодишните препораки и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата. Се посочува и дека структурата на индустријата постојано се подобрува. Влошувањето на продуктивноста на трудот и конкурентноста на цените во 2020 година, се посочува, во голем степен го одразува економското влијание на пандемијата и владините мерки за задржување на работните места. Се оценува и дека напредува дигитализацијата на економијата, како и дека се подобрени наставните планови за стручно образование. Сепак, стои во извештајот, недостатокот на вештини, како одраз на недостатокот во наставните програми за образование, празнините во капиталните инвестиции и ограничената интеграција на домашните фирми во глобалните синџири на снабдување го ограничуваат потенцијалниот раст.

Бидејќи некои од препораките за 2020 година не се целосно имплементирани, се навеудва во Извештајот, Северна Македонија треба особено да ја забрза реформата на образовниот систем и да го зголеми финансирањето за системот за стручни образовни обуки и високото образование. Воедно да го подобри пристапот на неквалификуваните и ранливите категории граѓани до активни мерки на пазарот на трудот, како и да донесе и да спроведе законодавство за енергетска ефикасност.

По просечната стапка на економски раст на државава во периодот од 2012 до 2017 година од 2,3 проценти, како и од 2,7 проценти во 2018 и од 3,2 проценти во 2019 година, поради ковид панедмијата државава ја заврши минатата година со пад на БДП од -4,5 проценти. Реалниот пораст на БДП по глава на жител, како што стои во извештајот, се зголемил незначително, односно од 36 проценти во 2015 година во однос на земјите членки во ЕУ, на 38 проценти во 2019 и 2020 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал годинава БДП забележа раст од 13,1 процент во однос на истиот период од минатата година. Со тоа и првпат растот се покачи над нултата во позитивна зона, по четири последователни квартали со негативни стапки на раст на БДП. За годинава, како што истакна неодамна ресорниот министер Фатмир Бесими, се проектира раст од 4,1 процент, а просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години.

Според заклучоците на Европскиот совет во Копенхаген во јуни 1993 година, пристапувањето во ЕУ бара постоење функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на Унијата. Мониторингот на ЕК е фокусиран на Програмата за економски реформи и на проценка на усогласеноста со економските критериуми за пристапување.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2021 14:01