Извештајот на ЕК за напредокот на Макеоднија дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, нотирајќи умерен напредок. Исто така, се фокусира и врз импактот од КОВИД-19 кризата врз економијата, наведува Фајнанс тинк во коментар на економскиот дел од Извештајот.

Споредено со оценката во претходниот извештај, стои во коментарот, напорите и потезите нa носителите на економските политики се вреднувани на позитивен начин, со нотирање умерен напредок. Извештајот оценува дека Македонија има добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија и има умерен напредок. Иако, пандемијата значајно ги погоди капацитетите на државата и ги зголеми предизвиците за генерирање економски раст, забележан е умерен напредок за важни фискални и структурни реформи.

Додека Извештајот врши експлицитно и недвосмислено вреднување на преземените чекори во делот на исполнувањето на политичките критериуми, судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформата во разузнавањето и јавната администрација, енергетиката и на зацврстување на основните човекови права, оценката за економскиот амбиент е значајно воздржана. Ваквата оценка на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за отсуството на посветеност кон целта и меѓусебната усогласеност на економските политики, како и недоволниот капацитет за испорачување економски реформи на повеќе фронтови.

Фајнанс тинк дека Извештајот внимателно го забележува напредокот на одредени владини економски потези и соодветноста на владината реакција во КОВИД-19 кризата, но нотира значајни слабости во поглед на менаџментот со јавните финансии и мерките за подигнување на конкурентноста на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2021 16:19