Неексплодирани гранати од Првата светска војна се пронајдени вчера во атерот на прилепското село Алинци и гевгелиското село Мрзенци. За двата случаи полицијата била информирана од локални жители, по што гранатите биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Гранатата во прилепско е пронајдена во атарот на село Алинци од страна на Б.К.(70) од Прилеп кој случајот го пријавил во Полициската станица Прилеп – Полициска канцеларија Тополчани.

-Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно ја подигнал гранатата и констатирал дека станува збор за артилериска граната од 155 мм од Првата светска војна. Бил извршен и увид, информираат од МВР.

Во гевгелиско, гранатата е пронајдена во село Мрзенци, а пронаоѓањето во Полициската станица Гевгелија го пријавил Л.Л. од село Мрзенци.

– Од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување било констатирано дека станува збор за неексплодирана граната со калибар од 105 мм од Првата светска војна. Гранатата била безбедно подигната, а увид извршила екипа од ОВР Гевгелија, се вели во соопштението од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2021 17:31