Согласно податоците на Државниот завод за статистика со месец септември 2021 во однос на истиот месец миналата година,цените на мало во македонскатадржава пораснале за 5,6%,додека трошоците за живот пораснале за 3,7%. Вообичаено е процентите да не значат ништо,ако не биде растолкувано на обичниот македонски граѓанин што тоа значи!! Најпрво треба да се појасни дека учеството на трошоците за прехрана на едно македонско семејство, изнесуваат 40 отсто од неговиот месечен доход.При таква огромна зависност од трошоците за храна,сосема е јасно дека порастот на цените за најбитните производи од потрошувачката кошничка-брашно,леб,млеко,масло за јадење,месо,јајца... е многу повисок од 5,6% и изнесува најмалку околу 15 отсто во однос на истиот период лани.Отука,се наметнува како заклучок дека при вакви покачувања на цените за основните прехранбени производи,македонските економисти мора да бараат спасоносно решение и економски мерки, коишто ќе ќе ги ублажат ценовните удари на економ ијата од секојдневието.

Влошувањето на и онака незавидната положба на македонските граѓани во однос на нивниот животен стандард,најегземпларно се прикажува преку достигнатиот македонски БДП(бруто домашен производ) по глава на жител-со крајот на 2020 година тој изнесува околу 5,5 илјади евра.Ако се споредуваме примерно со Р.Бугарија,којашто е најсиромашна земја во Унијата ,ќе констатираме дека нашиот БДП по глава на жител е на ниво од само шеесет отсто, од нивото на бугарскиот БДП по глава на жител-околу 9 илјади евра за 2020 година!!

Доколку економската струка ја замислуваме како навигатор чија задача е да обезбеди мирна и безбедна пловидба на македонската економски брод, тогаш очигледно е дека навигацијата ни е погрешна, а нашиот економски брод полека, но сигурно тоне. Во услови на голема светска енергетска криза и влошен меѓународен економски амбиент како последица на светската пандемија ковид-19, македонските економисти не се огласуваат,кои мерки за спасување на бродот и на патниците треба да бидат преземени. Во бркотницата што е логична последица на нашата економска состојба, најсигурно се држат економистите од позиција на власт. Тие се челични во својата "слепа" определба за макроекономското сидро на ригиден монетаризам ,како единствен инструмент на внатрешна економска стабилност. Ако така продолжат, сосема е извесно дека тие први ќе потонат. Сидрото е челично, ама челикот прв оди на дното!

Оптимистичките прогнози за заздравување на македонскиот економски организам од година во година паѓаат како кула од карти. Тврдењето на владата дека е невозможно да се смалат даноците или да се зголеми општата потрошувачка, заради одржливоста на огромниот буџетски дефицит (751 милиони евра со ребалансот на Буџетот во јули 2021г.),се издигнати на ниво на наш економски аксиом. Под тој економски аксиом за стабилна економија, се одвива континуирано опаѓање на севкупната стопанска активност во државата. Она што е уште пострашно е ерозијата на било какво убедување дека можеме, знаеме и умееме подобро да работиме. Се вртиме во бескраен круг на повторување бројки, проценти и формули,со коишто докажуваме дека сме исклучително стабилна и пред се, сигурна економија?! Кој има полза од таков економетриски модел за стабилност(освен банките,коишто работат со добивка,затоа што цела држава и сите ние-обичните смртници што не сме дел од македонскиоот “џет-сет” живееме на кредит), не ми е познато. Дали некој размислува дека во државата има население што дише, живее, работи... Бездруго, не ни е целта Република Македонија да биде теоретски економски успешен модел, за чија верификација сме подготвени да се откажеме од македонските граѓани.

Од мој агол на гледање,попрво тие ќе се откажат од државата?! Има безброј докази дека дефинитивно никој повеќе не верува дека може да опстанеме како економски систем. Поразителна последица е тоа што најголемиот наш потенцијал-младата и едуцирана работна сила, постојано бара начин да замине од татковината. Се чека на ред за бугарски пасоши,беломорските македонци се повеќе размислуваат за грчки пасоши, а не е далеку денот (следејќи го отварањето на поглавја во преговорите помеѓу Р.Србија и ЕУ) кога ќе се чека на ред и за српски пасоши...Објаснувањето за македонската економска состојба,вклучително појмовното и толковно објаснување на категоријата инфлација е всушност многу едноставна работа.

Одделувањето на Република Македонија од Југословенската федерација беше изнудено од желбата на македонското граѓанство за сопстевана држава. Носителите на функциите во македонскиот државен апарат во почетокот на деведесетите години од дваесетиот век (со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ која единствено беше јасно определена за самостојна и независна македонска држава),исчекуваа,калкулираа и изгубија драгоцено време во креација на некаква асиметрична федерација,наместо да чекориме кон Европа заедно со Словенија и Хрватска. Без план како ќе опстоиме како самостојна држава, без грижа за штедните влогови на македонските граѓани, без грижа за државните девизни резерви, нашите почетоци како независна и суверена држава беа проследени со огромни економски тешкотии. Во 1992 и 1993 година инфлацијата достигна ниво од над илјада отсто на годишно ниво?! Најпрво се обезвредни севкупниот македонски општествен капитал, а потоа се прелеа во банкарскиот сектор. Конечна разрешница беше приватизацијата на општествената капитална вредност во приватна сопственост - без пари?! Македонските газди почнувајќи од 1994 г. (без исклучок кадри од македонската левица-социјал-демократи,либерали,социјалисти...) ги купуваа општествените фирми со банкарски кредити, по основ на капитална, роднинска и партиска припадност. Инфлаторната спирала обезбеди создавање на потребно количество банкарски капитал, за да се изврши трансформацијата на македонското општество од социјалистичко во капиталистичко. Подоцна, се разбира, мораше да се "исчистат" билансите на Стопанска банка, ТАТ,Окта,Југохром,Фени,Железара-Скопје... И така неколку милијарди германски марки од општествен капитал стана приватна сопственост.Тоа барем беа легални трансакции преку банкарските канали и регистрирани во тогашниот СОК. За нелегалниот трговски капитал од исто така неколку милијарди германски марки за време на ембаргото во 1994/95 година,преку врските на државни функционери и македонски олигарси со српската и бугарската мафија ,не вреди ниту да се споменува?!

Борбата против инфлацијата од средината на деведесеттите години од минатиот век се водеше, а и денес се води единствено со помош на мерките на рестриктивната монетарно-кредитна политика. Инфлационите злоупотреби во тој период беа трајно обележје на македонскиот транзициски период. Стопанството, реалниот економски сектор, платите, беа од година во година се помалку еластични. Просто е невозможно (а никаде во светската практика и не било поинаку) да се запре ширењето на инфлационата спирала, без преоден период на висока невработеност. Обемот и траењето на невработеноста, која неизбежно го следи процесот на дезинфлација со инструментализација на антиинфлационите мерки, во голема мера зависи од движењето на платите. Логично е при мала еластичност на платите, да се создаде огромна армија безработни. Друго е прашањето дали платите во нашата држава беа и се реален одраз на остварената продуктивност, рентабилност и економичност во производството?! Или, пак, гранските просеци и распределбата на новосоздадената вредност, се реализира по други вонекономски критериуми. Што, всушност, е инфлацијата? Употребувајќи софистички заклучоци, инфлацијата е истовремено изобилство и недостиг од пари. Таа не е никаков реален парадокс. На ист начин може да се окарактеризира било која пазарна нерамнотежа, независно дали станува збор за пари или за друг вид стока. Нерамнотежата во понудата и побарувачката за пари е причина за инфлациониот проблем. На страната на побарувачката за пари ќе се појави недостиг, а понуда на пари има во изобилство. Од друга страна, пак, на страната на понудата на стоки ќе има недостиг, а потрошувачката на стоки ќе расте. Кај секој стопански субјект се јавува нерамнотежа помеѓу неговиот номинален и реален економски биланс. Номинално растат платите. Реално паѓа куповната моќ. Се тежнее кон се поголем номинален израз на вредноста на парите за да се зголеми платежната способност, а реално вредноста на стоките што се купува е се помала.

Дезинфлацијата ја урамнотежува понудата и побарувачката на пари. Бидејќи инфлацијата по дефиниција, ја намалува вредноста на парите, дезинфлацијата ја подига нивната парична вредност со помош на зголемени каматни стапки и контрола на паричната маса во оптек. Монетаристите сметаат дека каматните стапки имаат релативна рамнотежна вредност?! Затоа тие повеќе и веруваат на апсолутната контрола на потребната маса на пари во прометот. Меѓутоа, тоа е само нормативно правило, а не може да биде политички цел.

Се додека инфлацијата се поставува како цел на македонската економска политика, а не како средство за постигнување поголеми резултати на полето на годишна висока стапка на стопански раст, успешноста на таквата економска политика е под знак на прашање?!Македонската инфлација има структурни корени. Нивото и траењето на структурната инфлација е во зависност, пред се, од нашите напори да извршиме увозна супституција со развој на домашно производство, за дел од производите што ги увезуваме. Од особена важност е да создадеме сопствени енергетски ресурси и да ја гасифицираме македонската држава,до крај на третата деценија од дваесет и првиот век.Потоа да обезбедиме надминување на јазот помеѓу земјоделското произв одство и останатите стопански гранки, со грижа за рамномерен регионален развој.Понатаму, да проектираме модел за реално зголемување на вработеноста, а не да се фалиме со намалена невработеност од причина што се што беше младо,едуцирано и способно,веќе одамна е на пазарот на трудот во развиените европски земји.Конечно, да обезбедиме еквивалентна размена во надворешната трговија(трговското минусно салдо со крајот на 2020г. изнесува повеќе од 2,5 млрд.долари). Досега не успеавме да изнајдеме решенија ниту за една од причините,кои се можен генератор за повторно разгорување на инфлацијата во Република Македонија.

Се обидуваме на товар на реалниот економски сектор да обезбедиме одржлива макроекономска стабилност. Структурните диспропорции во македонската економија се продлабочуваат. Сиромаштијата расте,се предвидува до крајот на годината мајмалку 25% од македонското население да е под прагот на социјалната исклучивост.Сивата економија се проценува на близу 38% ?! Тоа означува дека фискалната пресија на државата е огромна и сите бизниси се обидуваат да ја избегнат “пренормираната државна регулатива”,со пренасочување кон нелегално производство и трговија!! Тоа е фатално за економскиот систем!! За единствен реален успех може да се смета одбраната на преценетиот фиксен курс на денарот. Веќе констатиравме дека растот на цените ја загрозува обновливоста на работната сила на вработните,а ги доведува до очај пензионерите.Добро организираните држави веднаш реагираат!! Чешка објави дека за два месеци ќе ја сведе стапката на ДДВ(данок на додадена вредност) за електрична енергија и гас на нулево ниво,а Хрватска најавува дека за два месеци ќе ги замрзне цените за виталните производи од потрошувачката кошница.Актуелната македонска влада мора да дејствува брзо, енергично, смело.

Дали е подготвена за тоа?! Досегашното искуство не ни дава за право да бидеме оптимисти!!

Автор: Марјан Ѓорчев



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2021 16:33