Косовскиот премиер Албин Курти добил анонимни закани по животот, по што надлежните владини служби синоќа го зголемија нивото на негово обезбедување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според локалните медиуми, кои се повикуваат на информација добиена од портпаролот на косовската Влада, Прпарим Криезиу, кон премиерот се упатени закани преку социјалните мрежи од лице со лажен профил, кое ветило „парична награда од 35 илјади евра за тој што ќе го убие Курти”.

– Премиерот Курти е под закана. Поради тоа, како мерка на зголемена заштита, подигнато е нивото на негова безбедност. Истражните и безбедносните институции веќе си ја вршат својата работа. Тие ги вршат потребните вреднувања на ситуацијата и ги преземаат соодветните мерки. Од друга страна, премиерот го продолжува својот редовен ангажман, се вели во изјавата на Криезиу.

Медиумите во Приштина јавуваат дека околу куќата во која е сместена резиденцијата на Курти синоќа можеа да се забележат голем број припадници и возила на полицијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 11:18