Одбојкарската топка, користена како реквизит во филмот „Бродолом на животот“ (Cast Away), беше продадена на аукција за 308.000 американски долари (околу 269.000 евра).

Во филмот, Том Хенкс глуми осамен човек, преживеан и заглавен на пуст остров. Неговиот лик ја именува топката „Вилсон“ и таа го претставува неговиот единствен пријател. Хенкс доби номинација за Оскар за главна машка улога во филмот на Роберт Земекис. Но, загуби од Расел Кроу со улогата во „Гладијатор“. Во филмот, Хенкс разговара со „Вилсон“ како начин да го задржи својот разум додека се бори да преживее.

Топката беше опишана од аукционерите како „многу оштетена од бојата нанесена за да ѝ се даде истрошен, валкан изглед“. Таа има и „темно кафеаво-црвено“ лице, искината е на врвот, а вметнати се и стебла од тутун – кои личат на коса.

На наддавањето на аукциската куќа „Проп хаус“ (Prop House), се продадоа над 1.100 предмети поврзани со други филмови, вклучувајќи ја и облеката што ја носеше Вил Ферел во филмот „Елф“ од 2003 година. Костимот вредеше 235.000 долари – речиси 10 пати повеќе од првично очекуваната продажна цена.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2021 13:29