Буџетот на Министерството за економија за 2022 година е предвидено да изнесува 1,24 милијарди денари од кои 151 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 733 милиони денари за капитални расходи, што е за скоро четири пати повеќе споредено со 2021 година, а 214 милиони денари за субвенции.

Со предложениот буџет за 2022 година, како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, се обезбедува поддршка и развој на малите и средни претпријатија, подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентноста, поддршка и развој на енергетиката, поддршка на туризмот и угостителството, раст на инвестициите во енергетскиот сектор, зголемување на користењето на природниот гас и искористување на сончевата енергија во домаќинствата.

-Од вториот квартал годинава нашата економија оди во нагорен правец, а следната година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции. Предвидено да се реализираат сите програми и мерки на Министерството за економија за што се предвидени дополнителни средства. Во програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност за 2022 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 80 милиони денари, што е за 30 милиони денари повеќе споредено со средствата предвидени во 2021 година, рече Бектеши.

И оваа година, додаде, Министерството за економија ќе покрива дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колектори во домаќинствата, за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци и за купување на печки на пелети.

-Дополнителни средства оваа година се наменети и за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија со оглед на фактот што забрзано се градат фотвоплтаичните централи на приватно земјиште за што во изминатите две години беа објавени два огласи од страна на Министерството за економија, а дел од нив се веќе и пуштени во употреба, појасни Бектеши.

Во делот на активностите за финансиска поддршка на туризмот во 2022 година, како што кажа, фокусот на Министерството ќе биде поддршка на домашниот туризам.

-За развојот на туризмот и промоција на земјава на светската туристичка мапа и поддршка на домашниот туризам следната година се предвидени 38,5 милиони денари. Продолжуваме континуирано со мерките за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, субвенции за туристички цели на селски домаќинства, поддршка на активен туризам и субвенции за дигитализација на туристичкиот сектор, рече Бектеши.

За следната година, потенцира, тројно е зголемен буџетот за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 20,8 милиони денари од кои девет милиони денари се предвидени за имплементација на активности за паметна специјализација што е обврска од извештајот на ЕК.

-Во 2022 година зголемен е и буџетот за поддршка на претприемништвото, за што се предвидени вкупно 62,3 милиони денари, додека во 2020 година за оваа намена беа предвидени 50 милиони денари, рече Бектеши.

И во наредната година, како што кажа, ќе биде обезбедена финансиска поддршка за мерки за поддршка на претприемништвото и мали и средни претпријатија и за кофинансирање на проекти за занаетчиски комори и развој и промоција за занаетчиството.

-Со цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, како и намалување на загадувањето на воздухот што е еден од нашите приоритети и оваа година продолжуваме со мерката за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. За оваа мерка се предвидени 11 милиони денари, нагласи Бектеши.

За следната година, додаде, е предвидено неколкукратно зголемување на средствата во Буџетот во делот на гасификацијата, односно за реализација на капитални инвестиции.

-Во Буџетот на Министерството за економија за 2022 година за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 625 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда. Ова е неколкукратно зголемување споредено со минатата година кога за оваа намена беа одвоени 140 милиони денари, посочи Бектеши.

Со овие 625 милиони денари, како што нагласи, предвидено е да се реализира проектот за гасификација на земјава – фаза 1, да се пуштат во употреба делниците Клечовце-Неготино, Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар, а наскоро треба да почне и изградбата на интерконективниот гасовод со Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2021 14:20