Проектираниот раст од 4,6 % во 2022 година се базира на зголемување на бруто инвестициите за 8,5 %, зголемување на капиталните расходи за 27 %, како и остварената реализација на капиталните расходи која е подобра од овој период минатата година, како и веројатноста таа да се подобри до крајот на годината.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју на емисијата „24 Анализа“ при што истакна дека со веќе воведениот КАПЕФ механизам, со кој се наградуваат буџетските корисници кои имаат висок степен на извршување на капиталните расходи, вчера се вратени кај буџетските корисници 15 милиони евра кои успеаја да реализираат 70 % од капиталните инвестиции, а на кои на крајот на септември им беа одземени 25 милиони евра.
„Веќе имаме план, имаме активности, како тоа да се направи. Имавме 81 процент реализација на капиталните расходи минатата година и со механизмот КАПЕФ и оваа година ја подобривме реализацијата на капиталните расходи, која досега е 55,8 %. Во 2020, 2019 и 2018 година реализацијата беше на ниво под 50 % во овој период. Ги прифаќам предизвиците имајќи ја предвид ситуација со која сме соочени. Затоа го подготвивме Планот за забрзан економски раст, кој е еден концепт во кој покрај финансиски инструменти, има и цело поглавје во однос на зајакнување на институционалните капацитети, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека има и други аспекти преку кои ќе се влијае на подобра реализација на капиталните расходи.
-Не велам дека следната година е магична и дека се ќе се реши наеднаш. Но се трасира патеката како да ја подобриме реализацијата и мислам овие бројки што ги ставаме на хартија и овој пристап претставуваат поголема одговорност за да ги оствариме. Само ако поставиме повисоки цели имаме шанси да ги реализираме, порача министерот.
Во интервјуто се осврна и на енергетската криза и мерките и активностите што ги презема Владата и потенцира дека покрај она што е предвидено оваа година и префрлените средства од 65 милиони евра на ЕСМ за обезбедување ликвидност, рече дека се обезбедени средства и во 2022 година.
-Важно е ценовнииот шок да се ублажи кај домаќинствата на регулираниот пазар, каде има и мали и средни претпријатија. Се следи состојбата, реагираме и ќе реагираме за да нема недостиг на енергија, ценовниот ефект да не биде голем. Важно е дека пристапот на Владата е кон решенија кои се одржливи, посочи Бесими.
За јавниот долг наведе дека ќе има надолно ревидирање на нивото на јавниот долг со дополнетиот предлог буџет за 2022 година што ќе се достави до Собранието. За задолжувањето потенцира дека тоа ќе биде исклучиво за капиталните инвестиции, односно од планираното нето задолжување од 590 милиони евра, 545 милиони се за капитални расходи, пари кои одат директно во економијата, што значат повеќе пари за домашните фирми, повеќе работни места. Најави издавање еврообврзница во момент кога тоа ќе биде најсоодветно, а на домашниот пазар издавање повеќе нови инструменти.
-Планираме од наредната година да почне да функционира и платформа на Блумберг за да може да се користи за аукции за овие нови инструменти, но и за постојните државни хартии од вредност. Преку Блумберг платформата ќе може да развиеме наш пазар, а во меѓувреме работиме на развој на финансискиот пазар, рече министерот за финансии.