Министерството за финансии е коорганизатор на 7. Регионален состанок на БЕПС – Инклузивната рамка за земјите од Евроазија, Интра-европската организација на даночни администрации (IOTA) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). На состанокот учествуваат претставници од даночните администрации, министерствата за финансии, носители на одлуки, технички експерти и претставници од ОЕЦД, регионални и меѓународни организации, како и претставници од бизнис и академската заедница и граѓанското општество.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, како што соопшти ресорното Министерство, посочил дека една од целите на состанокот е да се развие дискусија за предизвиците од дигитализацијата на економијата и да се претстави сеопфатен систем за глобална минимална корпоративна даночна стапка.
– Во оваа насока, договорот кон којшто се пристапи во октомври како концепт што се базира на два столба, е чекор напред, но секако се уште има многу работи за да се дефинираат сите детали и да се имплементира Договорот за корпоративна даночна реформа, подвлекол Бесими.
Македонија е една од 137-те земји кои минатиот месец го постигнаа договорот за корпоративна даночна реформа. Оваа реформа на меѓународниот даночен систем се состои од два столба и се однесува на оданочување на дигиталните активности на мултинационални корпорации, како и применување минимална глобална корпоративна даночна стапка за големите мултинационални компании. Со овој договор, и земјите во развој ќе добијат нови даночни права што ќе им овозможат да остварат повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилните компании, вклучувајќи ги и високо дигитализираните компании.
– Дополнителни придобивки од оваа реформа ќе произлезат и од стабилизирањето на меѓународниот даночен систем и зголемената даночна сигурност за даночните обврзници и даночните администрации. Со глобалниот минимален данок ќе се стави крај на даночните раеви и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој. Процените за економското влијание направени од страна на ОЕЦД покажуваат дека земјите со низок, среден и висок приход ќе остваруваат значителен износ на дополнителни приходи, велат од Министерството за финансии.
БЕПС -Инклузивната рамка за земјите од Евроазија ги адресира слабостите на меѓународниот даночен систем, се справува со даночното избегнување и прелевање на профитот, ја подобрува поврзаноста на меѓународните даночни правила и обезбедува поголема транспарентност на даночниот систем.
На состанокот ќе се зборува и за развојот на меѓународните даночни стандарди при следењето на имлементирање на БЕПС проектот, како и за напредокот постигнат во спроведувањето на минималните стандарди на БЕПС и иницијативите за градење зајакнати капацитети.