Во рамки на засилените акциски сообраќајни контроли, вчера во периодот од 12 до 18 часот, на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, санкционирани се осум возачи за побрзо возење од дозволеното.

– Полициските службеници од дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ги покрива двете општини, затекнаа и санкционираа осум возачи на моторни возила кои во и надвор од населено место управувале со брзина поголема од дозволената. Од нив надвор од населено место се седум и еден возач во населено место, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Додава дека акциските контроли во сообраќајот ќе се спроведуваат и понатаму со цел, зголемување на степенот на сообраќајната безбедност.

Според Димоски, во изминатиот период од годинава, на ова подрачје регистрирани се 43 сообраќајни незгоди, за среќа без жртви. Во истиот период лани се случиле 24 сообраќајни незгоди, исто така без жртви.

Од почетокот на годинава досега, пак, регистрирани се над 700 сообраќајни прекршоци, пред сè управување на возило со поголема брзина од пропишаната и неправилно престигнување.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2021 12:40