Од 1 до 3 декември ќе се одржи петтото издание на „Деновите на финансиска писменост“, што ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании.

И годинава поради пандемијата, „Деновите на финансиска писменост“ ќе бидат организирани главно како едукативни предавања преку видеоконференциска врска.

Сите институции кои учествуваат во годинашното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за е-настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.

– Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги, велат од Народната банка.

Организатори се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капиталното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, а се очекува и вклучување на приватниот финансиски сектор.

Во текот на годинава, како што информира Народната банка, финансиските регулаторни институции спровеле дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија, а за следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид започнатото спроведување на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули годинава



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2021 14:53