Го нарекуваат град на серенадите, град на љубовта, град на уметноста, град на првото албанско училиште, град на пивото, малиот Париз и ако го гледате внимателно од блиску, ќе најдете уште многу други квалитети кои ве повикуваат повторно да ја посетите Корча. Корча е еден од најголемите и најважните економски и културни центри на Албанија лоциран во југоисточниот дел на земјата. Корча е еден од најубавите градови во Албанија со многу музеи, историски градби и кафулиња. Таа е вистински бисер, скриен на југоистокот на земјата, недалеку од границата со нашата држава.

Градот Корча се поврзува со името на Иљаз беј Мирахори, основачот на овој град, пред повеќе од 500 години и до денес никој нема јасна претстава од каде доаѓа името на градот. Неговата приказна почнува со враќањето на Иљаз беј Мирахори од Истанбул во 1484 година, се зборувало дека бил оженет за ќерката на султанот Бајазит Втори.

На кратката средба што ја имавме, заменик-градоначалничката на Корча, Бениља Темели за МИА изјави дека сите четири годишни времиња имаат своја убавина за посета на Корча.

– Корча во зима нуди прекрасна панорама на градот под белата наметка. Корча е интересна дури и во есенската сезона каде освен што ќе уживате во убавините на градот ќе имате можност да ги пробате и прекрасните плодови на околината. За сите оние кои претпочитаат планинска клима, во жешкото лето, Корча и нејзината околина ќе ви понудат свежина, чист воздух и прекрасна природа. За повеќе, Корча за време на целата година нуди бројни културни активности, манифестации и саеми што би го направиле уште попријатен вашиот престој во овој град. Интересни се и празничките денови како Велигден, Божиќ, карневалите или Фестивалот на пивото, кои бележат и најголем број посетители во градот, рече таа.

Корча се карактеризира со делумно медитеранска-планинска и делумно континентална клима, со студени зими и топли и суви лета. Просечната годишна температура достигнува и до 10,6 Целзиусови степени. Најстуден месец е јануари, а најтопол месец е август. Највлажниот месец е ноември со просечни врнежи од 104 милиметри, додека просечните годишни врнежи достигнуваат до 720 милиметри.

Серенадите на Корча се карактеристични лирски песни кои се пеат во придружба на гитара. Со нив, Корча стана позната низ цела Албанија. Серенадите се издвојуваат по сладоста на суптилните чувства и оригиналниот начин на кој и пеат на љубовта. Тие се пееле под прозорците на разгалените девојки од Корча, покрај оградите на дворовите со цвеќиња и околу масите полни со традиционална храна и пијалоци. Серенадите својата популарност ја доживеаја во 30-тите години на минатиот век, меѓутоа тие продолжуваат да се пеат и денес во секое корчанско семејство или во баровите и рестораните со музика во живо.

Што можете да посетите во Корча?

Корча несомнено е богата со многу музеи, но во продолжение да се запознаеме со некои од нив.

Куќата музеј на сликарот Ванѓуш Мио – е центар создаден во 1945 година и реновиран во 1995 година и е важен дел од градот Корча, каде што се одвиваат различни културно-уметнички активности, како концерти, изложби со слики, фотографии и други. Прогласен е за споменик на културата и содржи околу 40 слики во масло, пејзажи, мртва природа и многу цртежи, кои се извонредни по нивниот многу посебен стил. Ванѓуш Мио бил првиот импресионистички сликар во Албанија. Тој е најпознат по своите пејсажи и се смета за најсовршениот албански пејсажист на 20-от век.

Многу блиску до овој музеј се наоѓа и Археолошкиот музеј на Корча, кој е основан во 1985 година и е прогласен за споменик на културата поради неговите архитектонски вредности. Овој музеј е подигнат во карактеристичен објект од XIX век и во него се изложени археолошките богатства на југоисточните предели на Албанија.

Не можете да отидете во Корча и да не го посетите еден од нејзините најубави музеи, како што е Првото училиште, зграда која е длабоко врежана во меморијата на Албанците за вредностите што ги има и за големата мисија што ја презеде за учење на албански јазик. Отворен е на 7 март 1887 година во Корча во последниот период на Османлиската Империја. Денот на неговото отворање, Албанците го слават како Ден на учителот.

Стариот Пазар на Корча со карактеристичните дуќани даваат магична атмосфера под ритамот на калдрмата и карактеристичните куќи веќе претворени во хотели и ресторани за пречек на многубројните посетители. Чаршијата е еден од најубавите делови на градот и секој што барем еднаш го посетил градот Корча нема шанси да не застане во Стариот пазар. Зградите се архитектонски ансамбл, парцелизирани со улиците со калдрма меѓу нив. Објектите се на два спрата и повеќето имаат подрум. Зградите имаат речиси ист стил на градба. Прозорците се долги и тесни и облечени со метални огради. Просечната висина на чаршиските објекти е околу осум метри. Овие детали придружувани со дочекот што ви се прави во Корча, создаваат едно место од кое е тешко да заминеш.

Можете да ја посетите и Црвената кула, позната и како Панорамска кула, која се наоѓа на крајот од шеталиштето, каде што можете да ја видите најдобрата панорама на градот од висина од 33 метри.

Исто така, можете да гледате и театарски претстави кои се одвиваат во Театарот „Андон Зако Чајупи“.

Меѓу високите дрвја, прекрасната природа и спокојството се наоѓа паркот „Младост“, кој се наоѓа во срцето на градот. Основан е пред 60 години северозападно од градот.

Во Корча можете да посетите и верски објекти од муслиманска и православна вероисповед. Џамијата на „Иљаз беј Мирахори“ е споменик на културното наследство во областа Корча. Како второ најстаро исламско светилиште во албанските области и прва купола џамија изградена во албанските области. Се состои од голема молитвена сала, покриена со купола над тамбурот, на која и претходи отворен трем од аркада со остри арки на масивна потпора, покриена со три мали куполи. На северозападниот крај на салата се наоѓало минаре кое се урнало од земјотресот во 1961 година. Статусот на споменик на културата џамијата го доби во 1948 година.

Катедралата „Воскресение Христово“ во Корча е изградена во 1992 година од страна на Автокефалната православна црква на Албанија се наоѓа во центарот на градот и е најголем православен верски објект во земјата. „Воскресение Христово“ се карактеризира со бетонска конструкција, се состои од три ката и зафаќа површина од 1800 квадратни метри. Тоа го симболизира враќањето на верските практики во земјата каде што сите религии беа забранети од 1967 до 1991 година.

Исто така, во Корча можете да ги посетите и Националниот музеј на средновековна уметност, Библиотеката „Тими Митко“, Ориенталниот музеј „Братко“, Музејот „Ѓон Мили“, првата фабрика за пиво „Бира Корча“ и многу згради и културни споменици. историски и уметнички.

„Бира Корча“ е првата албанска пивара, изградена во 1929 година. Проектот и идејата за оваа фабрика потекнува од италијанскиот инвеститор Умберто Умберти и Селим Мборја од Корча. „Бира Корча“ е создадена со капитал од 950.000 златни франци. Пиварницата била завршена во 1943 година. По Втората светска војна и со воспоставувањето на комунистичкиот режим во Албанија, фабриката била национализирана. Фабриката произведуваше светло пиво, црно пиво, вода и ледени кристали. Од архитектонска гледна точка, зградата го задржа својот оригинален архитектонски дизајн и покрај неодамна купените модерни технолошки линии од 2005 година, увезени од Чешка.

Традиционалната гастрономија на Корча

Корча е позната по своите традиционали и вкусни јадења. За споменување е бурекот или љакрор со две кори печени под вршник, подготвувањето на рибата крап од Преспанското Езеро, како и готвењето на диви животни и птици. Карактеристични јадења за Корча се: петаник со грав, љакрор, љакрор со млеко, петкат (јуфки), керначка итн. Не можете да заминете без да го пробате познатото пиво на Корча, првото пиво во Албанија.

Културно-уметнички настани што се организираат во Корча

Опишан како град на празниците и манифестациите, Корча најдобро ја надополнува рамката на градот каде што се слави уметноста и културата.

Фестивалот на пивото во Корча е најголемиот настан во Албанија. Над 100 илјади луѓе го посетуваат Фестивалот на пивото во петте ноќи на неговото одржување. Фестивалот на пивото во Корча е формиран во 2007 година, како иницијатива на Општина Корча. Фестивалот бил почестен со наградата за туризам од страна на Министерството за туризам на Албанија во 2010 година, поради придонесот што го има за зголемување на бројот на туристи во регионот. Фестивалот на пивото, не само што е важен сегмент во поглед на привлекувањето на посетители во регионот, туку од година в година го промовира и зајакнува туристичкиот имиџ на регионот.

Под слоганот „Празнуваме и во зима“ во декември, Корча го организира Саемот за крајот на годината, единствен во Албанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2021 14:50