Во Берово утре ќе биде разгледана иницијативата за преименување на улица во чест на прерано загинатиот словенечки пожарникар Жан Кофол, кој беше еден од најистакнатите во гаснењето на пожарите во Малешевијата. Иницијативата е на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој најави дека иницијативата ќе се разгледува на утрешната седница на Советот на општината.

– Иницијативата ја поднесов за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата. Со иницијативата предвидено е преименување на улица „20” во населбата Ширината во улица „Жан Кофол”. Понатаму, постапката за промена, ќе се врши согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, изјави Пекевски.

Тој смета дека именувањето на улицата ќе значи многу за семејството на прерано загинатиот пожарникар, а од друга страна, со овој чин Општина Берово, постхумно ќе оддаде признание и благодарност за поддршката што ја дал Кофол за Берово и Малешевијата.

-Се надевам дека советниците едногласно ќе ја прифатат оваа моја иницијатива со цел името и делото на овој млад пожарникар, никогаш нема да се заборави, рече Пекевски.

Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден. Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2021 15:10