Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, оствари средба со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, на која било дискутирано за актуелната состојба во општината и во земјава.

Градоначалникот Таравари рече дека во едночасовниот разговор со амбасадорот Која било оценето дека досегашната соработка била на високо ниво и дека има услови така и да продолжи.

– Средбите со шефот на мисијата на ОБСЕ, г. Која, претставуваат особен чест и се од голема корист. Освен за актуелната политичка ситуација, разменивме информации за работата на локалната власт, проектите кои ги планираме и нивната реализација. Во оваа прилика му се заблагодарив на амбасадорот Која за поддршката што Мисијата на ОБСЕ ѝ ја дава на Северна Македонија, со надеж дека успешната соработка со нив ќе продолжи и во иднина, како и за реализација на низа заеднички проекти за што побрза интеграција во Европската Унија, изјави Таравари по средбата.

Амбасадорот Која при посетата упати и честитки за изборниот резултат и на локалната власт ѝ посака успешен мандат во наредните четири години. згм/хс/



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2021 15:52