Со сослушување сведок кој се наоѓа во странство преку видео-врска, денеска во Основниот суд во Охрид се одржа прво судско рочиште од процес во рамки на кривичен предмет што се спроведува „online“ или преку Интернет.

Станува збор за користење на можностите што ги нуди технологијата, а се во насока на подобрување на ажурноста на Судот, олеснување на самите постапки и реформи на правосудството.

Судијата Билјана Белеска Пројкоска која го води предметот појасни дека сведочењето е спроведено преку видео-конференциска врска на затворен линк преку електронска адреса обезбедена од Бирото за судски вештачења.

Основниот суд во Охрид засега нема опрема специјално наменета за „онлајн“ судења ниту посебна судница за спроведување такви судски процеси, но искористена е опремата што е на располагање и тоа, како што изјави Белеска Пројкоска, со успешно сослушување на сведокот.

Придобивките од спроведувањето на „online“ судења се најмногу во насока на скратување на одредени постапи што се одолговлекуваат со години заради неможноста да се обезбедат сведочења на лица кои се со постојано живеалиште во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2021 15:59