Националниот парк „Пелистер" географски се простира меѓу 41°4’15.96″ и 40°52’27.85″ северна географска ширина и 21°3’15.29″ и 21°16’9.41″ источна географска должина.

На 30 ноември 1948 година со закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија, дел од планината Баба што се наоѓа меѓу долините на Пелагонија и Преспа е прогласен за национален парк, именуван според највисокиот врв во паркот Пелистер со 2.601 метар надморска височина, стар 465 милиони години.

Националниот парк „Пелистер" географски се простира меѓу 41°4’15.96″ и 40°52’27.85″ северна географска ширина и 21°3’15.29″ и 21°16’9.41″ источна географска должина. Во паркот, освен врвот Пелистер, поистакнати се врвовите Стив со 2.468 метри, Ветерница со 2.420 метри, Муза со 2.351 метар, Бојаџиев Врв со 2.331 метар и други.

Геолошката градба на Баба Планина како типичен хорст ја чинат претежно палеозојски шкрилци и гранити, кои по тектонски и ерозивен пат се откриени во средишниот дел. Главниот гребен на север почнува со врвот Козји Камен (2.137 м), а завршува на територијата на Грција. Во релјефната структура на планината, освен истакнати гребени, доминираат длабоко всечени долини, додека, пак, од морфоскулптурните елементи посебно се истакнуваат камените реки на височина од 1.300 до 2.000 метри и тие се едни од најмаркантните на Балканскиот Полуостров.

Според експертите, релјефот во опфатот на НП „Пелистер" е создаван од средината на миоцен до денес, период во кој диференцираните тектонски движења биле доста активни и притоа од крајот на миоцен и почетокот на плиоцен се формирало некогашното Пелагонско Езеро, а подоцна и Преспанско Езеро. Старите езерски тераси не се доволно зачувани, а Пелагонското Езеро исчезнало, но и ден-денес постојат планински реки кои се со надолжни падови, што резултира со појава на брзаци, водопади и помали слапови.

Легенди за името на планинскиот врв Пелистер

Според податоци на ЈУ НП „Пелистер" – Битола, јавна установа задолжена за заштита и управување со паркот, постојат две легенди поврзани со името Пелистер. Во одредени тврдења се посочува дека името Пелистер потекнува од грчкиот збор „peristeri" што во превод значи гулаб. Ако белосивиот камењар на планината Баба се гледа од далечина, тој навистина наликува на гулаб. Според друга легенда, името Пелистер се поврзува со петиглестиот бор, а зборот петлистер е изведен од пет иглички и пет листа, па оттаму низ зборот петлистер се доаѓа до Пелистер. Петиглестиот бор, односно молика, прв го открил германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах (1814-1879) за време на неговиот престој од 29 јуни до 21 јули 1839 година во нашата земја. Неговото откритие на пелистерскиот бор – молика, објавено на 2 јули 1839 година е суштинско за добивањето на статусот национален парк низ кој може да се забележат стебла постари од 230 години.

Моликата (Pinus peuce) како доминантен вид во паркот содржи две моликови заедници, односно планински моликови шуми (Digitali viridiflorae – Pinetum peuces), кои се застапени на надморска височина од 900 до 1.600 метри, и субалпски моликови шуми (Gentiano luteae – Pinetum peuces) застапени на надморска височина од 1.500 до 2.100 метри. Моликовите шуми на Пелистер се исклучиво автохтони со значително зачувани природни карактеристики, но освен моликата, на планината Баба има горска и подгорска букова шума, а на североисточните падини на горниот дел од течението на Цапарска Река кон Горни Котари, карактеристична е застапеноста на ела, која ги дополнува високите естетски вредности на Националниот парк „Пелистер".

Флора и фауна на планинскиот масив Пелистер

Националниот парк „Пелистер" се протега на надморска височина од 880 до 2.601 метар и во рамки тој масив има непроценето богатство со разновидна флора што го привлекува вниманието на истражувачите. Во постојните литературни податоци се посочува на вкупно 1.307 видови флора на територијата на паркот. Фауната исто така е примамлива за истражување, а од достапните податоци се воочува дека се утврдени 120 вида дневни пеперутки, што претставува 58,5 отсто од вкупната фауна на пеперутки во Северна Македонија. Планинарите велат дека прекрасна е глетката кога се набљудува летот на дневните пеперутки Scythris crupta и Scyrthris similis, кои жевеат само на Пелистер, како и ноќната пеперутка Hadena clara macedonica.

На Пелистер се регистрирани 22 вида вилински коњчиња (Odonata), и според истражуваниот материјал, на Пелистер се идентификувани 116 вида птици, од кои 5 вида се исчезнати. Статистички, на подрачјето на НП „Пелистер" вкупниот број регистрирани цицачи изнесува 47 и тоа е 53 отсто од вкупниот број видови во земјава.

Културно-историското наследство на територијата на Националниот парк „Пелистер"

Големиот број археолошки локалитети претставуваат вистинско богатство и важна дестинација за културниот туризам на планината Баба. Културното наследство во опфатот на НП „Пелистер" се материјалните и нематеријалните добра кои се израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или се заеднички дела на човекот и природата кои поради своите археолошки, етнолошки или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно-историско значење. Бројни споменици, споменични целини и културни предели сведочат за култни места и места поврзани со битки или други значајни настани и традиции. Потврда за тоа се сочувани археолошки предмети, саркофази, епиграфски споменици, столбови, скулптури… етнолошки предмети, мусандри, розети, таванции… уметнички предмети и друго.

Јавноста недоволно е запозната со археолошките локалитети Кула во селото Брајчино од среден век, Стари Лозја и Магарешко Мовче во село Братиндол од римско време, Суви Ливади кај село Ѓавато од доцна антика, тврдината Кале кај селото Трново од железно време и доцна антика и други вредности. Според историчарите, време е да се посвети внимание и за идентификација на спомениците на историјата, спомен-бистите, спомен-плочите и спомен-чешмите во НП „Пелистер".

Валоризацијата на природните богатства како императив

Валоризацијата на флората и фауната како реткост и на културно-историските вредности во НП „Пелистер" е импреатив за истоимената јавна установа која утврди и посебен план за управување со националниот парк до 2030 година. Валоризацијата на геодиверзитетот опфаќа грижа за врвот Пелистер, кој со својата височина и маркантност, како и со цирковите на север и на исток е непроценливо важен, но и изворишниот дел на Црвена Река со циркот на Малото Езеро, циркот под Широк Стапало и циркот на Големо Езеро, кој зафаќа голема површина и е интересен по впечатливите остатоци. Падините на Пелистер, северно од врвот Стив (2.468 м), кон Јоргов Камен и Копанки, каде што има огромни камени реки и камени мориња, исто така се вредно геонаследство.

И, конечно, имајќи го предвид фактот дека во Паневропската еколошка мрежа за Југоисточна Европа, Пелистер е идентификуван како важен коридор за движење на дивите растителни и животнински видови, грижата за паркот треба да продолжи со несмален интензитет, континуитет и концентрација (без олабавување), бидејќи вредностите на природата, освен локално и национално значење, имаат и ЕУ-важност, која е за добросостојба на посетителите и идните генерации.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2021 12:41