Претседателката на Косово, Вјоса Османи го именува генерал-мајорот Башким Јашари за нов командант на Безбедносните сили на Косово (ФСК), по денешната оставка на досегашниот командант Рахман Рама, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Османи, именувањето е извршено согласно Законот за ФСК, на предлог на министерот за одбрана, Арменд Мехај и по препорака на премиерот Албин Курти.

– Пред именувањето на новиот командант на ФСК, претседателката на Република Косово, согласно законските одредби, го потпиша указот за ослободување од должноста на досегашниот командант на ФСК, генерал-полковникот Рахман Рама, откако истиот поднесе оставка, соопшти кабинетот на Османи.

Непосредно пред соопштението, медиумите во Приштина објавија дека Рама ѝ ја понудил оставката на Османи, а како причина за тоа се наведува неговото несогласување со министерот Мехај.

Новиот командант на ФСК, 44-годишниот Башким Јашари, е син на Рифат Јашари, кој е брат на основачот, или, како што го нарекуваат во Косово, легендарниот командант на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2021 15:00