Седум видови колачи со активен јаглен, колаген и пробиотик, се новите производи на компанијата „Жито Пром“ – Гевгелија кои веќе може да се најдат во малопродажбата. Станува збор за т.н. функционална храна, збогатена со витамини, минерали, пробиотици и растителни влакна – нов тренд во прехранбената индустрија, чиј цел е грижа за здравјето на потрошувачите.
Како што беше речено на денешната промоција, колачите се со различен вкус: на лимон, кокос, мед и суво грозје, некои содржат јаткасти плодови (лешници, ореви), некои темно чоколадо, а се направени со јачменово или овесно брашно и природен квасец, донесен од Италија, стар преку 100 години.
Секое пакување е со по шест колачиња. За консумација се препорачува по едно пакетче на ден или по две од оние со колаген за повозрасните потрошувачи.
-Функционалните колачи се во согласност со светските трендови за исхрана и се идеална ужинка за оние кои живеат брзо, но внимаваат на себе. Со кафе или со чај, во нканцеларија или во автомобил, колачите помагаат да се зачува енергијата и истовремно да се внесат корисни хранливи состојки. Придонесуваат за здравјето на коските, за посеилн имунитет, пониско ниво на триглицериди и подобра контрола на телесната маса. Тие се здрав десерт и за децата, истакнаа претставниците на „Жито Пром“.
Новата производна линија е резултат на соработката меѓу индустријата, науката и државните институции. Вкупната инвестиција е 225.000 евра, од кои Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) обезбеди 160.000. Како што нагласи Никола Клопчевски од Секторот за мониторинг во ФИТР, „Жито Пром“ е една од најуспешните приказни на Фондот.
-Со овој производ сакаме да опфатиме нов сектор – храна на иднината, беше речено на промоцијата.
„Жито Пром“ развива уште една нова линија – традиционални колачи.