Во Министерството за одбрана од денеска ќе биде ангажиран американскиот советник за сајбер безбедност, Франк Ранеро, долгогодишен експерт во оваа област, како дел од соработката и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.

Како што информираат од Министерството за одбрана, во следниот период тој интензивно ќе работи со клучниот сајбер персонал на исполнување на амбициозната агенда на Министерството и заедничките напори за изградба и зајакнување на сајбер капацитетите на национално ниво. Во рамки на предвидените активности се планира развивање на нови т.н. сајбер авторитети и специјализирани сајбер тимови за брз одговор и мониторинг.

Министерката Радмила Шекеринска му посака добредојде на новиот советник на состанокот на кој присуствуваше амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, одбранбениот аташе и претставник од Канцеларијата на САД за одбранбена соработка со Македонија, и рече дека неговата улога ќе биде важна во развојот на нашата сајбер одбрана.

-Македонија и САД уште еднаш покажаа дека сојузништвото има заеднички интереси, но и заеднички цели. Воедно, тоа сојузништво значи и дека стојат зад нас со своите експертски потенцијали, рече Шекеринска.

Американскиот советник истакна дека му е чест да учествува со својата експертиза во оваа сфера, во важен период за најновата членка на НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 12:02