Занаетчиите од Измир и од државата ќе соработуваат на заеднички проекти, ќе разменуваат искуства, заеднички промоции на традиционалните производи, соопштија денеска надлежните од занаетчиските комори на округот Чили од градот Измир, Турција и од регионалната комора на Куманово чиишто претседатели денеска се сретнаа во Куманово.

Освен средба со кумановските занаетчии, деновиве, претставникот на занаетчиите од Измир ќе ги посети регионалните комори во Скопје и Охрид. Занаетчиите од Измир ќе им помагаат на македонските занаетчии во подготовка на проекти за привлекување на работна сила преку соодветно стручно образование кое веќе се применува во Измир и посебно внимание ќе се посвети на размена на идеи.

– Преговаравме изминатава година, но поради пандемијата остваривме средба во Измир пред два месеци, ова е возвратна посета која има за цел да ја продлабочи нашата соработка. Освен со претставниците на занаетчиската комора, се сретнавме и со тамошниот сојуз на стопански комори, знаете дека занаетчиството е еден широк дијапазон од градежништво, до туризам, до стари занаети, изјави претседателот на ЗКРСМ и воедно претседател на Регионалната занаетчиска комора на Куманово, Агрон Фазлији.

Претседателот на занаетчиската комора на округот Чили од Измир Ариф Алкулач смета дека двете држави имаат извонредна соработка, како и стопанските комори, но, како што кажа, важно е да се продлабочи и соработката меѓу еснафот. Тој се заблагодари за можноста за соработка и гостопримството на кумановските занаетчии.

– Првата средба беше пред два месеци и сега ја реализираме посетата во Куманово. Дојдовме да ја видиме инфраструктурата, она што го нудат занаетчиите, што можеме да направиме и да ја подобриме соработката. Се надевам дека со моето дваесетгодишно искуство заедно со претседателот Фазлији ќе се обидеме да ги зајакнеме врските, да се подготвиме за иднината, изјави Алкулач.

Во округот Чили има 120 илјади занаетчии од различни гранки и професии. Фазлији најави дека во мај, е предвидена посета на претставници на бизнис заедницата од Измир во Куманово, конкретно на новата зона во Речица и тој се надева дека од посетата ќе произлезат вложувања во градот за подобрување на локалната социо-економската положба.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 03:11