Македонија доби две награди – за најпријателски хотел на Балканот – G Hotel во Скопје и за најдобар хотел и спа одморалиште на Балканот – Aurora Resort и Spa Hotel во Берово на Церемонијата на доделување на Балканските награди на туристичката индустрија 2021 година, што во организација на бугарската компанија ВИП Комуникејшн, се одржа по седми пат во Софија.

Керим, сопственик на хотелот „Џи" во Скопје, кој ја доби наградата за најпријателски хотел на Балканот, за МИА во Софија изјави дека треба да изгради модерен пат меѓу Бугарија и Македонија и да го олесни патот меѓу двете соседни земји, наместо сегашните 220 километри да се поминат за четири и пол часа, колку, како што вели, се потребни да се стаса со авион до Дубаи. Доколку, според Керим, се изгради нов автопат меѓу двете земји, тоа ќе доведе до интензивна размена на туристи од Бугарија и Македонија и ќе има еден милион туристи во Бугарија од Македонија и два милиони бугарски туристи во Македонија.

-Ако тоа се направи во следните 10 години, ќе доведе до подобра и позитивна енергија и отстранување на предрасудите од последните неколку години, смета тој.

Керим апелираше до идната бугарска влада, како и до македонската Влада да изнајдат разумно решение и да ја надминат оваа ситуација, а до новиот премиер на Бугарија да го укине ветото за да може Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а потоа да продолжи решавањето на спорните прашања.

Бојан Аврамовски, оперативен менаџер на Аурора Ресорт и Спа во Берово, кој ја доби наградата за најдобро бањско одморалиште на Балканот, истакна дека од неодамна се враќа интересот на бугарските туристи за Берово, што, како што истакнува, дава надеж дека ќе можат да се вратат на периодот пред пандемијата на ковид.

Тој предложи бугарската страна да го заврши патот до граничниот пункт Клепало за бугарските туристи и гости побрзо да се движат кон Берово и Македонија, кои се уште се затворени. Отворањето на граничниот премин Клепало, според него, ќе помогне за бизнисот меѓу Македонија и Бугарија, за поголема поврзаност меѓу нив и за продлабочување на деловните контакти од двете страни на границата.

Според Аврамовски, за разлика од многу други туристи во регионот, бугарските туристи се многубројни. Мора, вели тој, да се гледа напред кон иднината, бидејќи минатото е одамна минато и мора да се оддаде почит и за Македонија и за Бугарија и да се постигне договор што ќе ги земе предвид интересите на двете земји, кои треба да продолжат да функционираат како пријателски земји.

За време на доделувањето на наградата, Патриша Кирилова од организаторите на ВИП Комуникација коментираше дека сериозно размислуваат следните церемонии да се одржат во Скопје и Приштина.

Финалист на Балканските туристички награди беше едно од најголемите одморалишта во Албанија – Стела ресорт. Во последниве години, албанските поморски одморалишта стануваат сè поконкурентни на Балканот, привлекувајќи повеќе од 40.000 Бугари годишно, додека повеќе од 35.000 Албанци ја посетиле Бугарија, со интерес за бугарското крајбрежје на Црното Море, спа-третманите и ски-ресортите.

На церемонијата присуствуваа претставници на амбасадите на Албанија, Грција, Косово и Турција во Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 10:40