Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски оствари средба со в.д. амбасадорот на Украина, Наталиа Задорожнику, Витали Загајниј, заменик на началникот на Лавовската обласна државна управа и претставници на секторот туризам и меѓународна соработка од истата област.

На средбата се презентираа туристичките потенцијали на двете земји, целите и идеите, се разменија искуства и начини за продлабочување на соработката преку туристичката индустрија иницијално, а потоа и на други полиња.

При нивната прва посета на Македонија се договорија идните чекори за развој на активниот, културниот и гастрономскиот туризам во двете земји и овозможување на поголема поддршка за промоција и вмрежување на приватниот туристички сектор.

Лавовската област во Укарина е една од најголемите области во државата и е позната по здравствениот и естетскиот туризам. Термалните води, спа, велнес и стоматолошките услуги им се развиени во повеќе пазари, а со РС Македонија очекуваат соработката да се развие токму во овој сегмент на туризмот. Идеата за инвестиции во нашата држава, вмрежувања и соработки е првиот чекор на Амбасадата на Украина во РС Македонија откако отпочна да оперира директната линија Киев- Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 12:31