Обвинетиот агент за недвижности кој оштети десет граѓани со измама при купопродажба на станови, случај што го обелодени МИА , денеска пред Основниот Кривичен суд – Скопје ја призна вината за стореното кривично дело. Десетмината оштетени во предметот побараа оштетно побарување во вкупен износ од 47.400 евра. Дел од парите обвинетиот ги обесштети по расправата.
– Се чувствувам за виновен за делото што ми се става на товар со обвинителниот предлог, изјави обвинетиот, при што по завршувањето од расправата, секој од оштетените го обесштети со по 61 500 денари, обесштетувајќи 10 000 евра, односно, 21 отсто од целосниот износ кој изнесува околу 48 илјади евра.
Деветмина од оштетените изјавија дека бараат кривичен прогон за обвинетиот, додека една остави Судот да одлучи за истиот.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска во завршните зборови се осврна на околностите за одмерување на видот и висината на санкцијата.
– Неспорно отежителна околност која Судот треба да ја цени е секако фактот што кривичното дело е сторено во дури десет наврати во релативно краток временски период, при кое извршување се оштетени десет различни оштетени лица. Тоа неспорно говори за свесноста, умислата и истрајноста на обвинетиот при извршување на кривичното дело во повеќе наврати целно оштетувајќи десет лица, рече обвинителката.
Таа дополни дека неспорно, како отежителна околност е и „дрскоста на обвинетиот по извршувањето на кривичното дело кога во заблуда ги држел оштетените подолг временски период, наведувајќи разни изговори дека со склучување на договор за купопродажба на определени станови сепак ќе дојде".
– Овие околности треба да бидат земени предвид кога ќе се одмерува видот и висината на казната од страна на судот, потенцираше обвинителка.
Таа го посочи и коректното однесување на обвинетиот од почетокот на кривичната постапка, како што рече, „како во Обвинителството, така и во Судот, соработка со органите на кривичен погон, неговото признание на вина кое доведе до ефикасно завршување на кривичната постапка, особено имајќи предвид дека се работи за обемен предмет со десет оштетени и фактот што истиот не го негира ниту кривичното дело, ниту износите кои ги должи поединечно на оштетените".
Обвинителката апелираше до Судот да определи таква казна со која на обвинетиот ќе му влијае како прекор за стореното кривично дело, казна со која ќе го сфати значењето на стореното, и, особено, казна која ќе го одврати обвинетиот во иднина да се јавува како сторител на вакви или други кривични дела.
Бранителот на обвинетиот, Тодор Тасевски, од Судот побара условна осуда со која, како што рече смета дека „ќе се постигне целта на казнувањето".
– Имајќи го предвид фактот дека обвинетиот го призна делото што му се става на товар, истиот, исто така не е осудуван досега и со своето примерно однесување во текот на целата кривична постапка, при одмерувањето на видот и висината на казната го замолувам судот да ги има предвид сите олеснителни околности, покрај другото, и денеска изразената волја и намерата оштетените да бидат обештетени со тоа што обвинетиот е подготвен паричните средства кои ги носи со себе, истите да ги предаде на оштетените, така што имајќи во предвид дека со сето свое поведение убеден сум дека во иднина нема да се осуди да направи вакво или друго слично кривично дело, па и со една условна осуда со која ќе се одложи изречената санкција, ќе се постигне целта на казнувањето, изјави бранителот.
Обвинетиот во завршниот збор додаде дека е подготвен денеска да обесштети износ од 10 000 евра, а во рок од три месеци да ги врати целосно парите кои ги должи.
– Јавно се извинувам на оштетените во оваа судница, ова ќе ми биде многу добра поука како да постапувам во животот, изјави обвинетиот.
Со денешното обесштетување, со кое секој од оштетените доби по 61 500 денари, еден од оштетените граѓани, кому обвинетиот му должеше 60 000 денари беше обесштетен во целост.
Обесштетениот оштетен граѓанин во изјава за МИА рече дека приказната не завршува тука и доколку има потреба ќе продолжи да доаѓа во Судот сè додека сите граѓани не се обесштетат во целост.
МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори од пријавата за „Измама", која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот, како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост, па сè до Обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва.
Првата расправа за овој предмет беше закажана за 1 јули годинава, при што на неа обвинетиот не се појави и таа се одложи за 1 септември. На расправата која се одржа на 1 септември обвинетиот агент за недвижности изјави дека до 20-ти септември ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани. На расправата закажана на 20-ти септември, обвинетиот повторно не се појави, со што судот му определи мерка притвор.
Неколку дена по одржаната расправа на која поради отсуството на обвинетиот му беше определена мерката притвор, на прашање на МИА до каде е приведувањето, од Основниот Кривичен суд – Скопје изјавија дека тој доставил медицинска документација дека бил здравствено спречен да дојде на расправата закажана за 20-ти септември. Десетина дена по расправата на која судот определи мерка притвор за агентот, од Кривичен бараа обвинетиот да ја комплетира претходно доставената медицинска документација за „оправдано отсуство".
По сето ова, главната расправа беше закажана за 26 ноември 2021 година, меѓутоа, истата не се одржа заради отсуство поради боледување на судијката и беше презакажана за денешниот ден, 7 декември.
Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама", бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.
Процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично, по што купувачите сфатиле дека се работи за измама и веднаш го пријавиле случајот.
Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, а случајот го води судијката Александра Ристеска. Објава на пресуда е закажана за 14 декември 2021 година.