Од наредната година во земјава се очекува зголемено присуство на туристи од Молдавија. Потврда за заинтересираноста на молдавските туристи за летување е присуството на 15 тур-оператори од таа земја кои се на средби со туристичките претставници од Македонија.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски, проценува дека наредната 2022 година и сезоните до 2025 година би требало да ги одбележи поголем број туристи од државите од Источна Европа, Руската Федерација, Украина, Молдавија и Белорусија.

– Тие пазари се повеќе се заинтересирани за Охрид и Македонија. Тоа го покажаа и воспоставените привремени авионски линии од Москва, Санкт Петерсбург, Киев, а потпишани се пред-договори за чартер-летови од тие дестинации. Оваа инфо-тура со тур-оператерите од Молдавија покажува дека постои интерес и во таа земја за нашата туристичка понуда, така што се надевам дека хотелиерите и тур-операторите ќе воспостават соработка и конретни договори, рече Јаневски.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2021 14:54