Изминативе 20 години постојано работевме на подигнување на нашите капацитети меѓутоа и на капацитетите на работодавачите и на целокупната економија. Сметаме дека тоа е една визија која ја негуваме со години наназад, дека мораме да ја спроведеме низ една системска мисија, а тоа е исклучиво работа, посветеност кон подобрување на економската состојба, подобрување на животниот стандард на луѓето и нормално човековите и работничките права, истакна Миле Бошков претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, на денешното одбележување „20 години БКМ во функција на бизнисот”.
Тој посочи дека во текот на изминатите години настојувале да одржат ниво на сериозен партнер.
– Низ сите овие години мораме да кажеме дека настојувавме да одржиме едно ниво како сериозен партнер, како моќна организација и нормално како отворени за соработка кон сите кои сакаат да бидат во една коалција за да напредуваме заедно во земјата, нагласи Бошков.
Тој одговарајќи на новинарско прашање околу најавите за зголемување на минималната плата и реакциите на бизнис заедницата околу тоа, рече дека оценките се поделени.
– Ние сме поделени во оценката колку бизнисот може да го одржи зголемувањето на минималната плата бидејќи во различни структури на економијата некои од коорпоративно управуваните компании можат да го издржат подигнувањето на минималната плата, односно исплаќаат повеќе од минималната плата, меѓутоа сметам дека микро, малите, занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои исто така ги опфаќа законот за работни односи и законот за минимална плата, ќе мораат да најдат начин како да пливаат во исполнување законските обврски поврзани со минималната плата, посочи претседателот на Бизнис конфедерацијата.
Во однос на работничките права, тој нагласи дека синдикатите настојуваат во секој случај да ги подобрат работничките права.
– Ние ги поддржуваме во нивните настојувања и протестот како начин на изложување на своите заложби, на својата волја. Што се однесува до работничките права, морам да кажам дека во некои коорпоративно организирани компании се почитуваат и тоа е за пофалба. Има општествено одоговорни компании кои директно вложуваат исклучиво во односот кон вработените, меѓутоа има во општеството и компании кои навистина ги злоупотребуваат работничките права и Законот за работни односи, истакна Бошков