Движењето за социјална правда „Обединети работници“, како претставник на работниците во Република Македонија, поднесе БАРАЊЕ до Министерството за труд и социјална политика, во однос на изменување на постоечкиот Закон за работните односи, односно клучни точки врз кои што треба да се темели некој иден ЗРО.
Во барањето кое што го доставивме очекуваме ИТНИ измени во делот на:
1.Целосна промена на примената на договорите за вработување на определено време
- обврска договорите за вработување да се склучуваат на неопределено време
- договор за вработување на определено време да може да се склучува само во точно предвидени ситуации, со особен фокус на причините од виша сила
- намалување на времетраењето на овие договори од 5 на 1 година
- допрецизирање во делот на замена на отсутен работник, договорот на определено да важи до истек на законски предвидениот рок
- обврска за работодавачите да го известат работникот за тоа дали ќе добие нов договор или не, најдоцна 7 дена пред истек на договорот, во спротивно да се случи автоматска трансформација во договор на неопределено
- автоматска трансформација на договорите на определено кои што се склучуваат сукцесивно со ист работник, а притоа да нема оправдана причина за непонудување на договор на неопределено време
- договорот на определено да не престанува со истек за време на користење на отсуство поради бременост, раѓање и родителство
- изедначување на сите вработени на определено време при аплицирање за упразнето работно место
2.Задолжително исплаќање на К-15 за СИТЕ работници од приватниот и јавниот сектор
3.Воведување на СКАЛЕСТ систем на прекувремена работа, каде со секој сработен час пропорционално се зголемува висината на надоместокот
4.Воведување на СКАЛЕСТ систем на пауза за доење на родилките
5.Забрана за работа за време на викенд, освен во ситуации на виша сила или околности при кои неизвршувањето на обврските би нанеле енормна штета, а притоа работниците да добијат 200% поголема дневница
6.Продолжување на породилното отсуство
7.Измена на законската контрадикторност во делот на прекувремената работа на малолетниците, односно усогласување со максималниот лимит предвиден во ЗРО
8.Предвидување на “позитивна дискриминација“ за постарите работници при откази од деловни причини, односно обврска за работодавачите на овие лица договорите да им бидат раскинати на крајот од листата на вработени
Очекуваме нашите барања да бидат детално анализирани и прифатени, со што би се извршиле позитивни и прекупотребни промени при работниот однос.
ДСП ,,Обединети работници" продолжува да работи во интерес на работниците, при што спремни сме и за учество во координации, консултации и работни групи организирани од МТСП, синдикални организации, здруженија на граѓани, медиуми, но и други субјекти, со цел да овозможиме еден подобар систем за секој работник во Република Македонија.