Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, Општина Кисела Вода обезбеди пакетчиња за околу 1300 деца од градинките, околу 200 за децата со посебни потреби и преку 500 пакетчиња за дечињата од социјално-загрозени семејства. Дополнително, новогодишно пакетче ќе добијат и децата на сите вработени во Општина Кисела Вода, соопштуваат од општинската прес-служба.

– Новогодишните празнувања треба да бидат убави за сите, посебно за дечињата кои цел живот ги паметат подароците под елката, семејните празнувања и радоста на дарувањето. Се потрудив, како градоначалник, дечињата од сите градинки на територија на Кисела Вода и децата со посебни потреби да добијат новогодишно пакетче. Дополнително, покрај овие 1500 дечиња, со пакетче ќе им ги разубавиме празниците и на преку 500 дечиња од социјално-загрозените семејства. Секое дете заслужува да биде среќно и да има убави спомени од детството. Ова е мој мал придонес кон таа цел, потенцираше градоначалникот на Општина Кисла Вода, Орце Ѓорѓиевски при денешната посета на објектот „Мимоза” при ЈДГ „Весели цветови”, каде беше организирана свечена приредба за дечињата.

Тој им посака убава, среќна и безгрижна година полна со радост и љубов, а дечињата, распеани и весели се заблагодарија за подарокот. Од Општината посочуваат дека новогодишното дарување продолжува и во наредните денови.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2021 15:40