Министерката за образование и наука Мила Царовска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски, денеска го посетија основното училиште „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров, кое е едно од училиштата каде со вложувања од државата се подобрени условите за настава, информира Министерството за образование и наука.

Од Министерството велат дека учениците од основното училиште „Мирче Ацев“ се едуцираат за воздухот, почвата, растенијата и за заштита на животната средина во целосно нов кабинет по природни науки. Кабинетот е еден од 260 кабинети што се опремени со средствата од МОН и по целосно нови програми, со кои се развива свесноста за важноста на животната средни и љубовта кон природните науки.

– Свеста за грижа кон опкружувањето започнува од воспитувањето внатре во семејството, но грижата за животната средина треба да се учи и системски во образованието, затоа што така најдобро се поттикнуваат цели генерации на одговорност кон животната средина и нејзината заштита, додаваат од МОН.

Во соопштението се наведува дека училиштето „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров е едно од 27-те основни и средни училишта од државата што добиле соодветна техничка опрема, а наставниците имаа практична обука и стекнаа вештини за испитување и мерење на квалитетот на атмосферскиот воздух, водите и почвата, преку програмата ГЛОБЕ, реализирана со поддршка на САД и Еко-свест.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2021 16:57