Општина Аеродром организира предновогодишна хуманитарна забава „Најмладите за Аеродром“ што ќе се одржи во сабота, 25 декември, од 10:30 до 13:30 часот на платото пред Трговскиот центар „Капитол мол“.
На забавата ќе настапат ѕвездите Таско, Лина Пејовска, Некст тајм, ДНК, Сара Мејс и Д’крисмас грлс, а аеродромци ќе ги забавуваат и Магионичарското шоу и Светот на Биби.
Во рамките на настанот ќе се организира и новогодишен базар, на кој посетителите ќе можат да купат и новогодишни честитки и рачни изработки на децата од градинките и учениците од прво до петто одделение во основните училишта од нашата општина. Со средствата што ќе бидат собрани од оваа акција, ќе бидат помогнати голем број семејства од социјално-ранливите категории во општината.
Настанот го поддржуваат „Капитол мол“, хотел „Хилтон дабл три“, „Рамстор“ и голем број други општествено-одговорни компании, а свој придонес во целата акција ќе даде и Извидничко-поречанскиот одред „Галеб“.
Настанот ќе биде поддржан од Иницијативата за собирање новогодишни пакетчиња „И јас сум дете“ на Кристијан Станковски-Бомбакис, како и други аеродромци влијателни на социјалните мрежи.
Целта на овој настан е преку песна, другарување и забава да се сподели празничната еуфорија со жителите на Општина Аеродром, а воедно да бидеме хумани во пресрет на најголемите празници во годината.
АГЕНДА:
• 10:30 - 11:00 — Магионичарско шоу • 11:00 - 11:30 — Светот на Биби • 11:30 - 11:40 — Лина Пејовска • 11:40 - 11:50 — Таско • 11:50 - 12:00 — Некст тајм • 12:00 – 12:30 — ДНК • 12:30 - 13:10 — Сара Мејс и Д’крисмас грлс