Општина Кисела Вода информира дека се извршени сите подготовки за справување со евентуалните снежни наноси и замрзнати јавни површини.
Од Општината информираат дека обезбедени се 17.5 тони сол, а во текот на денешниот ден беа поделени околу 400 вреќи со сол по сите основни училишта, градинки, како и во месните и урбани заедници.
-Со цел да овозможи непречено движење на пешаците и одвивање на сообраќајот во зимски услови, по претходно спроведена јавна набавка, обезбедена е фирма која на терен ќе интервенира со возила специјализирани за чистење на снег од улиците, се наведува во општинското соопштение.
Дополнително, како што се посочува во соопштението, на располагање се и неколку општински трактори со кои ќе се чисти снегот на тесните улици, патеки и тротоари.