Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска се обрати на годишната конференција за децентрализација и локално управување во организација на УНДП. Арсовска се обрати на панелот „Родово сензитивни локални самоуправи" .

-Сите можевте да видите дека во ова предизборие имаше навистина големи напади, напади и обиди да се исфрлат од игра сите оние за кои се сметаше дека се послаба алка. Верувам дека се докажа спротивното, дека победија човечноста и успешноста. Вчера бев избрана за првата жена претседател во скоро 50 години постоење на ЗЕЛС и сум прва избрана градоначалничка на Град Скопје. Од една страна, тоа претставува голема одговорност, но од друга страна, за мене одговорноста е уште поголема што успеав да се изборам со сите дискредитации и дискриминации во изминатиот период, соопшти Арсовска.

Според неа, не е за чудење што е намален бројот на жени градоначалнички на само две, имајќи ги предвид, како што рече, директните инструирани напади, кои се обиди да нема жени на високи и одговорни позиции, особено кога тие се избрани, а не назначени. Нагласи дека тие напади не треба да се гледаат како причина за нереализација на зацртаните активности.

-Ако нешто не се промени на ова поле, нема да има жени на високи раководни функции. Затоа апелирам да дадете поддршка за секоја жена која во овој момент е предмет на напад, која континуирано се деградира. Тоа нема да се промени се додека сите не застанеме во нивна одбрана. Има луѓе платени од наши средства, државни функционери и луѓе на позиции кои навредуваат и не сносат никаква одговорност, ниту морална, ниту етичка, а немаат ниту осуда од општеството за начинот на којшто се однесуваат. Таквото однесување не смее да се дозволи во ниту едно демократско општество, а нашето воопшто не е едно општество за сите, нагласи Арсовска.

Таа потенцира дека „Не за насилството врз жените во јавниот живот" треба да важи за секоја една жена во земјава, а не само за оние кои што се во најблискиот круг на централната власт.

-Се додека се дозволува на носители на јавни функции да се однесуваат вака, луѓето ќе сметаат дека за сите е дозволено такво однесување, рече Арсовска. Додаде во моментов има само две жени градоначалнички во земјава и додаде оти тоа е поразителна бројка.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2021 16:14